ВМРО-ДПМНЕ ПОДНЕСЕ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ТУТУН Се предлага забрана за увоз на тутун до целосен откуп на домашното производство
Пратеникот Петар Ристески вели дека не е проблем тутунот што легално се увезува, туку тој што нелегално влегува од Бугарија и од Албанија по многу ниски цени.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе Предлог за закон за изменување и дополнување на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, по скратена постапка, со кои ќе се забрани увоз на тутун до откупување на тутунот произведен во земјава.
Петар Ристески, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ обрзложи дека со измените ќе се надминат проблемите во откупот на тутун.
– Со постоечкиот закон кој е изменет во 2019 година од страна на Владата на СДСM и ДУИ, во овие неколку години, има големи проблеми во откупот на тутунот. Пред се, тука мислиме на забрана на увозот на тутун од страна, склучување на договори со сите коминтетнти и оние кои во изминатите години поднесле жалби за да нема реваншизам кон тутунарите и да се зголеми контролата врз откупувачите од страна на државата, бидејќи се врши очигледен грабеж на тутунарите – вели Ристевски.
Тој рече дека измените се подготвени заедно со тутнопроизводителите.
-Дојдовме до предлог промена на Законот за тутун и производи од тутун, со тоа што би се забранило увоз на надворешен тутун до оној момент додека не се откупи и последниот килограм на домашниот тутун. Со тоа би ги заштитиле тутунопроизводителите чиј што живот и егзистенција зависат од тој тутун – рече тој.
Според Ристески, не е проблем тутунот што легално се увезува, туку тој што се шверцува од Бугарија и од Албанија.
– Се носи тутун по многу евтина цена, 60-90 денари и плус за тој тутун, кој се предава како домашен, а дополнително се земаат и субвенции – рече тој.
Тој смета дека со предложеното изменување и дополнување на Законот ќе се создадат услови на целосно и подобро спроведување на Законот.
Ристески ги повикува пратениците од парламентарното мнозинство да дадат поддршка на измените и дополнувања кои што ги бараат и истовремено ќе ги решат проблемите со кои се соочуваат тутунопроизводителите.