ВМРО-ДПМНЕ ПОДНЕСЕ 250 АМАНДМАНИ НА БУЏЕТОТ Да се намали ДДВ за храна, струја, огревно дрво…
Пратеникот Бојан Стојаноски рече дека амандманот, кој се однесува за намалување на акцизите, ќе влијае на целата економија, ќе поевтини целиот транспорт на стоки, а со тоа и производите кои ги купуваме во маркетите.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесе 250 амандмани на Предлог-буџетот за 2024 година, чие разгледување почна денеска во Собранието, информира пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Денеска, на првиот ден од амандманската расправа ќе се разгледаат повеќе амандмани од кои би ги издвоил амандманите кои се однесуваат на намалување на ДДВ за електричната енергија, огревно дрво, храната, но и намалување на акцизата за горивата.
Сведоци сме дека во изминатите неколку години, цената кај овие категории е драстично покачена, речиси и 50% наспроти периодот пред пандемијата. Во исчекување сме на ново покачување на цената на струјата од партизираната Регулаторна комисија за енергетика и токму затоа бараме државата повторно да го намали ДДВ од 18% на 5% со цел да им се помогне на сите домаќинства – рече Стојаноски
Тој објасни и зошто се бара намалување на ДДВ на огревното дрво и на храната.
– Огромен дел од домаќинствата се загреваат на дрва, а знаеме дека во текот на изминатите две зими цената на дрвото драстично се покачи, а беа забележани случаи и на измамени пензионери. На дрва се грее најчесто посиромашниот слој на граѓани и токму затоа бараме намалување на ДДВ за купување на кубик дрво од 18% на 5% со што ќе дојде до поевтинување од над 10%.
Последниот амандман кој е во врска со ДДВ то се однесува на храната, со кој бараме да се поништи одлуката на СДСМ за зголемување на ДДВ од 5 на 10% за прехранбени производи. Дополнително, во зависност од пазарните состојби и со цел спас на земјоделците и стопанството државата треба да се откаже од ДДВ на основни прехранбени производи наместо истите да банкротираат – појасни Стојаноски.
Тој рече дека амандманот, кој се однесува за намалување на акцизите, ќе влијае на целата економија.
– Целиот транспорт на стоки ќе поевтини, а со тоа и производите кои ги купуваме во маркетите, меѓуградскиот превоз и многу други гранки во кои значителен инпут се нафтените деривати.
Се надеваме дека пратениците на СДСМ и ДУИ ќе имаат доблест и ќе ги прифатат нашите суштински предлози и сериозно ќе се заштити животниот стандард на граѓаните – рече пратеникот Стојаноски.