ВМРО-ДПМНЕ ОТВОРА АФЕРА „ПРОФИТЕР“ Шилегов исплаќа милионски суми на наместени тендери (ВИДЕО)
Некој дебело профитирал од тендерите за изведување на градежни работи за Град Скопје, тврди опозициската партија и најави серија прес-конференции на оваа тема.
По аферата „Дивоградба“,градба без документи на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на семејната зграда, по аферата „Водовод“ – градење и градежен зафат на водовод без потпишан договор, следува аферата „Профитер“. Сето ова ги дава контурите за идна опсежна истрага на Јавното обвинителство за тоа како скопски градоначалник за четири години зголемува луксуз и свој имот за речиси половина милион евра, соопшти денеска на прес-конференција ВМРО-ДПМНЕ.
„Профитер“ е скандал кој што води до тоа дека за финансиска корист, мрсни тендери се добиваат во полна проценета цена, без намалување, без конкуренција, без економско негативно наддавање, тендери добиени на левел со нереална проценета вредност од Град Скопје, вели опозициската партија.
– Ова е невозможно во слободна економија, и е невозможно доколку некој дебело не профитира. Аферата „Профитер“ ќе покаже огромна веројатност за местење на тендери, бидејќи е невозможно да нема заинтересирани фирми за толку економски големи тендери. Невозможно е да нема економско наддавање, лицитација за земање на работата. И трето, невозможно е да бидат постигани суми кои што се идентични на оние проценетите, бидејќи примери кои што ќе ги изложиме докажуваат дека при силна конкуренција, проценетата вредност на тендерот, на договорот може да падне дури и десет пати. Така сѐ се сведува на едно – Шилегов исплаќа милионски суми од Скопје на наместени тендери. Некој дебело профитирал од тендерите за изведување на градежни работи за Град Скопје! Профитирал на сметка на градската каса. Профитирал на сметка на слободната економија. Профитирал на штета на компании коишто можеби не сакале да поделат дел од колачот, за да добијат тендер! – објави партијата и најави дека за сето ова обвинителството ќе има полни раце работа.
Во 2018 година, за тендер „изградба, одржување и реконструкција на вело патека“, со проценета вредност од Град Скопје на цели 27,8 милиони, се пријавиле 11 учесници – градежни фирми. При тој тендер во 2018 година, дури 42 пати е намалувана цената преку електронско наддавање – и тоа довело овој тендер да биде платен 1,5 милиони. Значи, од 27,8 милиони проценета вредност, да биде потпишан договор по електронското надавање нели онаа форма на слободна економија, на само 1,5 милиони.
„И така се работи во слободна економија, така се работи во демократија – 11 конкуренти, се борат за работа, 42 пати е намалувана цената. Но, сѐ потоа, 2019, 2020, па и оваа 2021 година, кога економијата почнува да тоне, тендерите на Град Скопје, милионски тендери, за чудо, наеднаш не биле интересни за наддавање, и за чудо, цените на договорите стануваат идентични на проценетата првична вредност од Град Скопје. И тоа продолжува и оваа година, кога во услови на колабирана економија, нема интересенти за тендер вреден 1 милијарда и 141 милион денари! Две фирми се пријавени, нема борба за цена, проценката и договорот речиси идентични. Сѐ е помал е интересот на фирмите, престануваат наддавањата, трката со цените! Милионските тендери стануваат неинтересни за работа, а крајните договори се речиси идентични на првичната проценета вредност. Тоа води само кон едно: Шилегов, исплаќа милионски суми на наместени тендери!“, тврди ВМРО-ДПМНЕ.
Аферата „Профитер“ ќе покаже како тоа наеднаш за тендери со висина од 2, 3, 5 па и 20 милиони, градежниот сектор „магично“ снемува интерес и не се бори на пазарот, основно начелото на секоја слободна економија и основно начело на постоење на градежните компании, на постоење на фирмите, тврди ВМРО-ДПМНЕ и обвинува:
„Скандалот ‘Профитер’ ќе покаже јасни индиции за местени тендери заради што штета трпат буџетот, државата, граѓаните, а некој дебело профитира. ‘Профитер’ ќе даде јасни насоки за работа на Јавното обвинителство. И на крај ‘Профитер’ можеби ќе ја даде најјасната слика како градоначалникот на Скопје со административна плата зголемува луксуз и свој имот за речиси половина милион евра“.