ВМРО-ДПМНЕ ОТКРИВА УШТЕ НЕПРИЈАВЕНИ ИМОТИ Да се разрешат тие што не поднеле анкетни листови

Ковачевски, наместо да ги брани, да побара пресек од ДКСК од сите функционери кои не поднеле анкетни листови и да ги разреши. Само така ќе покаже дека ова не е системска операција на власта за криење имоти, рече Петрушевски.

192

Наместо извинување до граѓаните и оставки, функционерите од власта кои кријат имоти бегаат од одговорност, а со досегашните постапки нив ги штитат Ковачевски и ДКСК. Институциите наместо да отворат постапки пишуваат бледи соопштенија и не преземаат никаква иницијатива – изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски денеска на прес конференција.

– Аферата „Тајни имоти” опфаќа функционери именувани од Владата, а кои имаат голема партиска историја во СДСМ, односно држат повеќе функции во партијата. Таков е примерот со Ана Марија Павиќ која е именувана за член на Управниот одбор на Прифатниот центар за баратели на азил и не поднела анкетен лист, а истата е координатор на Форумот на жени во ОО Бутел и била кандидат за советник од партијата. Таа на сопствено име има луксузна лимузина Ауди А5, а остатокот од имотот е на нејзиното семејство.






Исто така, Саша Максимовски, претседател на Комитетот за одобрување на инвестиции на ФИТР, со работна позиција раководител на сектор во Владата на Република Македонија, не доставил анкетен лист до Антикорупциска комисија, а од она кое што ние го утврдивме на негово лично име има стан во населбата Карпош во Скопје – рече Петрушевски.

Според него, анкетен лист не поднел ниту Теди Цоневски, член на Комитетот за одобрување на инвестиции во ФИТР.

– Цоневски не го пријавил својот имот, кој според нашите истражувања се состои најмалку од еден стан во Горно Соње, еден стан во Кисела Вода и еден стан во Центар. Цоневски е основач и на фирмата ИНТРАТЕЛ СОФТ ДООЕЛ Скопје, која ја формирал во септември оваа година. Голем број на функционери кои имале неколку функции пред да ја извршуваат последната функција не го ажурирале својот анкетен лист и по скоро година дена. Таков е случајот со директорот на Инспекторатот за транспорт, Гајур Рушити, Ташко Дојчинов, државен правобранител за подрачјето на Гевгелија, и Васко Стефанов, директор во Пошта – наброи Петрушевски.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ очекува, како што рече, Ковачевски наместо да ги брани, да побара пресек од ДКСК од сите функционери кои не поднеле анкетни листови и да ги разреши. Само така ќе покаже дека ова не е системска операција на власта за криење имоти, рече Петрушевски.

Во меѓувреме ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека директорот на ЈП „Македонски шуми“ Валентин Груевски, според евиденцијата на ДКСК не поднел анкетен лист, како што самиот објави. Тој има поднесено анкетен лист за претходните негови функции, но не и за функцијата директор на „Македонски шуми“ тврди партијата. Според податоците на ДКСК Валентин Груевски не поднел анкетен лист, за последната функција, а на истата е повеќе од половина година.

„Веќе гледаме дека дел од функционерите на власта признаваат дека не поднеле анкетни листови, како што е случајот со адвокатот на функционерите на СДС Ивица Јевтиќ и Алберт Муслиу, дедо на пратеникот Дарко Каевски. Ковачевски наместо да чека треба веднаш да ги разреши“ – се вели во соопштението на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Поврзани содржини