ВМРО – ДПМНЕ: Нина е како Алиса во земјата на чудата, нема бизнисмен кој ги поддржува нејзините мерки
Нина Ангеловска, е изгубена во времето и просторот се однесува како Алиса во земјата на чудата и незнае дека нема бизнисмен и гранка која ги подржува мерките, реагира ВМРО – ДПМНЕ.
„Намерата на Нина Ангеловска и Зоран Заев да ја разгледуваат можноста за покачување на акцизата на горивата е доказ дека тие ја разбираат кризата како можност да се удри по граѓаните и да им се одземат пари за да се покрива расипништвото на СДСМ. Срамно е во кризни моменти да се ставаат раце во плитките џебови на осиромашените граѓани. Македонската економија е во колапс, а владата на СДСМ не презема ништо“, вели ВМРО – ДПМНЕ.
Мерките кои што ги презентира Нина Ангеловска, вели опозициската партија, за стопанството се несериозни, задоцнети и не доволни и не значат никаква помош, напротив само продлабочување на тешката ситуација во која се наоѓа државата.
„Додека владата и Ангеловска тврдат дека ќе бидат поддржани дури 250.000 вработени или повеќе од 35.000 компании, во реалноста граѓаните се сведоци дека многу мал број на фирми аплицираат за мерките и веќе се започнати масовни отпуштања од страна на компаниите кои се соочуваат со проблеми на неликвидност. Неделувањето на власта веќе остави над 20% од вработените во државата без работа. Граѓаните со право се исплашени за себе и за животната егзистенција на своите семејства. Наместо Ангеловска да држи прес конференции и да ја манипулира јавноста, веднаш да ги прифати мерките кои што ги предложи ВМРО-ДПМНЕ за спас на стопанството. Македонија и граѓаните повеќе немаат време за чекање, потребни се итни и конкретни решенија за заживување на македонската економија“, порачува ВМРО – ДПМНЕ.