ВМРО-ДПМНЕ: Николовски замачкува очи со смена на локални функционери на СДСМ
Ниту еден врвен функционер не е предмет на истрага, ниту еден од високите функционери на власта не се соочил со одговорност за стореното. Македонија е на врвот на светските листи не само заради некој корумпиран локален функционер на СДСМ, туку милион пати повеќе заради Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Драги Рашковски и други од врвот на власта, обвини опозицијата.
Криминалот и корупцијата рушат рекорди во Македонија, Економист нè вбројува во земји со хибриден режим, Транспаренси Интернешнл не рангира на 111 место по корупција, а Љупчо Николовски, од Заев именуваниот вицепремиер за борба против корупцијата, се фали дека побарал смена на член на УО на битолски студентски дом, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Наместо суштинска борба против корупцијата, имаме замачкување на очи на народот. Ниту еден врвен функционер не е предмет на истрага, ниту еден од високите функционери на власта не се соочил со одговорност за стореното. Македонија е на врвот на светските листи не само заради некој корумпиран локален функционер на СДСМ, туку милион пати повеќе заради Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Драги Рашковски и други од врвот на власта. Нема одговорност за Зоран Заев, кој јавно беше посочен од страна на Бојан Јовановски, како лице кај кого завршиле парите од ‘Рекет‘. На слобода е и Ден Дончев кој сите го видовме како става туциња пари во ташна. Од истрага се спаси и Драги Рашковски кој го слушнавме како договара аванта од 2.6 милиони евра за набавка на систем за летање. Само со опомена помина и Курто Дудуш кој тепаше и малтретираше граѓанин во неговиот кабинет, без посериозна казна помина и Боро Марлборо, кој шверцуваше цигари, а по смената од градоначалник доби лиценца за садење на марихуана од Заев. Нема казни, а нема ниту постапки за стотиците корумпирани функционери на СДСМ ширум државата. И затоа Македонија е хибриден режим и земја од која бегаат инвеститори“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.