ВМРО-ДПМНЕ: Никој не знае кој влегува, кој транзитира и кој излегува од земјава
Победата прогласена од владата на СДСМ врз коронавирусот е лажна и постои само во главите на Заев и Филипче, наведено е во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Неспособноста и неодговорноста на власта на Заев и Филипче не е само македонски проблем, туку и меѓународна здравствена опасност, обвини ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Последниот скандал со патниците кои од Македонија пристигнале на аеродромот во Финска и од кои 24 биле заразени со корона вирус, ја дискредитира Македонија како држава. Ова покажува дека не само што сме европски Вухан, туку поради неодговорноста на властите ги доведуваме во опасност и другите држави во Европа. Очигледно дека властите немаат никаква контрола врз епидемијата. Никој не знае ни кој влегува, ни кој транзитира, ни кој излегува од земјата и дали тој е носител на опасниот вирус. Македонија за жал во епидемијата е црн рекордер во регионот по смртност и заразеност на еден милион жители. Нема никаква одговорност ниту за последниот скандал со заразените патници кои пристигнаа во Финска исто како што нема никаква одговорност ниту за кластерот во Геријатрија Скопје, кластер меѓу најранливата категорија на граѓани. Заев и СДСМ не ги интересира здравјето на граѓаните и угледот на државата. Нив ги интересира само фотелјата и бизнисите да си врват. СДСМ, Заев, Филипче не направи ништо за здравјето на граѓаните во текот на шесте месеци откога е започната епидемијата со коронавирусот. Победата прогласена од владата на СДСМ врз коронавирусот е лажна и постои само во главите на Заев и Филипче“, наведено е во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.