ВМРО-ДПМНЕ НЕМА НАМЕРА ДА СОРАБОТУВА СО БЛИСКИ НА ДУИ Муцунски не прифаќа за партнер некој што водел попустлива надворешна политика

Ние како политички субјект не сме подготвени да имаме соработка со некој којшто има за цел понатаму да дејствува политички во координација со ДУИ, барем до момент дури ДУИ не се реформира, а ДУИ во моментот е далеку од реформиран политички субјект, вели министерот Тимчо Муцунски.

190

Доколку Арбен Таравари има намера да соработува со ДУИ, тогаш ВМРО-ДПМНЕ нема да соработува со него, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

– Владата е стабилна, владиното мнозинство е стабилно, Владата работи посветено на реформи. Јас тоа го кажав и пред неколку недели, дека доколку господинот Таравари одлучи да работи со ДУИ, тогаш не може да соработува и со ВМРО-ДПМНЕ. Ние како политички субјект не сме подготвени да имаме соработка со некој којшто има за цел понатаму да дејствува политички во координација со ДУИ, барем до момент дури ДУИ не се реформира, а ДУИ во моментот е далеку од реформиран политички субјект – рече Муцунски во гостување на Сител.






Министерот Муцунски потенцираше дека токму ДУИ е виновна за нарушените позиции во надворешната политика.

– ДУИ е виновна за голем дел од овие нарушени позиции, меѓудругото и во надворешната политика, заради тоа што да се вршат криминални активности, се воделе попустливи надворешни политики. И во таа смисла некој што ги нарушувал стратешките позиции на државата, некој што си дозволил да води таква безобразна и бахата внатрешна политика, не може да биде партнер со ВМРО-ДПМНЕ. И некој што е партнер со таков субјект, исто така, не може да биде партнер со ВМРО-ДПМНЕ – рече Муцунски.

Тој додаде дека јавноста ја препознава вистинската и чесна намера на Владата во спроведувањето на реформите.

– Тоа што верувам дека граѓаните го чувствуваат е чесна намера за реформи, реформи насочени кон подобра иднина на државата – заклучи Муцунски.

 

Поврзани содржини