ВМРО-ДПМНЕ: Нелоски е нов претседател на Градскиот комитет, а Муцунски и Ѓорчев меѓународни секретари
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за распишување оглас за избор на нови претседатели на општинските комитети во Берово, Босилово, Богданци, Делчево, Дојран, Кочани, Крива Паланка, Крушево, Маврово и Ростуше, Ново село, Прилеп, Радовиш, Струмица, Василево и Куманово.
Од партијата информираат дека кадровските освежувања и доекипирања ќе продолжат и во периодот кој следи, се со цел конечно доекипирање и уривање на власта.
Извршниот комитет донесе одлука за именување на Владимир Нелоски за нов претседател на Градскиот комитет Скопје на ВМРО-ДПМНЕ, а Тимчо Муцунски и Владимир Ѓорчев за меѓународни секретари. Иванка Василевска e координатор на централните комисии. Извршниот комитет донесе одлука за избор на Игор Здравковски за претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Велес и за распишување оглас за избор на нови претседатели на повеќе општински комитети.
„Извршниот комитет изрази загриженост за состојбата во Република Македонија со корона пандемијата, за која се констатираше дека е алармантна и актуелната Влада потфрли во секој поглед. Извршниот комитет уште еднаш констатираше дека СДСМ и Зоран Заев вршат неправди, реваншизам и насилство од мафијата предводена од Заев врз сопствениот народ и со тоа ја потврди одлуката за денешниот протестен собир за искажување на револт кон актуелната власт. Мафијата на Заев донесе насилство, прогон, криминал и корупција, а граѓаните ги доведе до раб на сиромаштија“, се вели во информацијата од ВМРО-ДПМНЕ.