ВМРО-ДПМНЕ: Компаниите на Заеви и Ангеловска земале антикризна помош – СДСМ обвини за ширење лажни вести

СДСМ побара од ВМРО-ДПМНЕ да престане да ја манипулира јавноста со непостоечки случаи, бидејќи, како што е наведено во соопштението, државната помош е достапна за сите кои исполнуваат критериуми.

304

Владата на Зоран Заев должи одговор пред јавноста за сите сомневања за незаконитости врзани со довчерашната министерка за финансии Нина Ангеловска. Приватните компании на Заеви и Нина Ангеловска земале државна антикризна помош додека стотици компании редат клуч на врата, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

– Заев треба да одговори на кој начин неговата довчерашна министерка искористила над пола милион денари државна помош за нејзината приватна фирма додека стотици други имаат клуч на врата. И фирмата на Заеви, Еленица доби државна помош од над 800 илјади денари. Дали парите за државна антикризна помош се наменети за полнење на приватните џебови за политичари на власта. Нина Ангеловска ја нема во составот на владата, но тоа не значи дека може да избега од одговорност. Зад Нина Ангеловска и Зоран Заев како нејзин шеф остануваат една пропадната банка и афера од 200 милиони евра, зголемен долг од 1 милијарда евра и 40 илјади невработени. Тоа е наследство на Зоран Заев. Илјадници пензионери ќе останат без пензии, илјадници други без своите заштеди во Еуростандард банка, а Нина Ангеловска од позиција министер за финансии си ги извлече своите 250.000 евра пред да пропадне банката! Огромен скандал, огромна афера. Пропаѓа банка на која должник и се струмички фирми блиски до Заев, министер, односно Ангеловска си ги вади стотиците илјади евра, среде афера тешка 200 милиони евра! И додека економијата тоне, селективноста на власта за делење помош го предизвикува тоа, министер за финансии Нина Ангеловска три месеци од државната каса си дели плати на своја фирма – рече Стоилковски.






Среде епидемија луѓе трпат, енергенсите поскапуваат, економијата тоне, додаде тој, ама министерот за финансии си ги спаси парите од банка во пропаст и зема пари од буџет за својата фирма.

– Дали владата на Зоран Заев ќе побара истрага од институциите за кривична одговорност за Нина Ангеловска за можни злоупотреби својата положба во два наврати? или ќе премолчи и ќе го крие скандалот чекајќи да помине, заради струмичките фирми кои влечеле кредити без покритие од банката но и заради помошта за плати земена за фирмите на фамилијата Заеви?! Почитувани, министрите на Заев се негова слика и прилика- криминал, лаги и злоупотреби! Тоа мора да застане, државата тоне во долгови заради нивните злоупотреби. Одговорност мора да има – истакна Стоилковски.

Од друга страна, СДСМ побара од ВМРО-ДПМНЕ да престане да ја манипулира јавноста со непостоечки случаи, бидејќи, како што е наведено во соопштението, државната помош е достапна за сите кои исполнуваат критериуми.

„ВМРО-ДПМНЕ си останува заглавена во својата матрица на лажни вести, деструкција, очајни обиди за манипулација и продолжува да ја замајува јавноста со непостоечки случаи. Во екот на пандемијата со коронавирусот, кога државата неуморно работи на подобрување на здравствениот систем и намалување на економските последици, ВМРО-ДПМНЕ не понуди ниту една мерка за помош, туку напротив, се противеше на помошта за работниците, се обидуваше да ја опстурира помошта. ВМРО-ДПМНЕ не може да сфати дека државна помош, како дел од антикризните мерки добиваат сите компании кои ги исполнуваат условите. Критериумите за државната помош се јасни: секоја фирма која имала пад од 30% од добивката добива државна помош под услов парите да ги префрли на работниците и истите да не бидат отпушени. Ако компанијата оствари добивка, ќе ги врати парите кои ги добила како државна помош и ова се критериуми кои важат за сите правни лица кои добиле државна помош. Со оваа мерка за време на кризата со коронавирусот се спасија илјадници работни места, особено во секторите кои беа први на удар на кризата. Ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, тие се навикнати на селективни мерки, на поделби по сите основи и делење на народните пари во белата палата. Крајно време е ВМРО-ДПМНЕ да се посветат на внатрешните реформи, да престанат да ја манипулираат јавноста и да ја модернизираат партијата во контструктивна опозиција, наместо да бидат фејк-њуз партија“, се вели во соопштението од СДСМ.

Поврзани содржини