ВМРО-ДПМНЕ: Инвестициите дома се нула, ама владата ќе инвестира стотици милиони евра во Грција

Опозициската партија бара одговори за повеќе прашања кои се поврзани со исплатливоста на инвестицијата во гасните проекти на Грција.

297

Потпишување на Меморандуми за учество во гасните проекти и инвестирање во Грција е одраз на незнаење и намера за уништување на енергетиката и економијата во Македонија, реагира ВМРО-ДПМНЕ, откако владата вчера го офизијализира своето учество во проектот.

– Ова најверојатно е единствен случај во светот кога некоја Влада, која се соочува со нула инвестиции на сопствената територија и презадолженост, упорно се труди да инвестира над 120 милиони евра во друга држава. Додека сите влади упорно се борат да го зајакнат домашното производство на енергија, со цел да станат енергетски понезависни, нашата Влада се бори да нẻ задолжи со инвестирање во туѓи енергетски проекти – велат од ВМРО-ДПМНЕ.






Според партијата, намерата за инвестирање во гасниот терминал и гасната електрана во Александрополис не навестува ништо поволно.

– Досега не е прикажана никаква техно-економска студија, посебно дали е исплатлива цената на добиената електрична енергија од оваа гасна централа, знаејќи ги светските искуства. Ова е показател дека таква студија најверојатно и не постои. А тоа пак го потврдува фактот дека сẻ ова што го прави Владата на СДСМ е паушално и неразумно – велат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ очекува одговори на клучните прашања кои се важни за тоа дали е исплатлива инвестицијата: Колку ќе добие Република Македонија од ваквата инвестиција?, За колку време ќе се вратат вложените средства?, Која ќе биде цената на природниот гас?, Дали и за кој износ ќе биде намалена цената на гасот заради тоа што Македонија инвестирала во терминалот?, Колкава ќе биде цената на електричната енергија која Македонија ќе ја купува од оваа гасна централа?

-Ако цената на природниот гас од терминалот во Александрополис нема да биде најниска во споредба со сите можни извори на снабдување во регионов, тогаш со право се доведува во прашање рентабилноста на неговото работење и способноста, или поточно кажано неспособноста за враќање на вложените финансии – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Поврзани содржини