ВМРО-ДПМНЕ и Левица поднесоа интерпелација за Џафери: Го заборави Уставот и зборуваше на албански јазик во Европскиот парламент ВИДЕО
Господинот Џафери не отиде во Европскиот парламент како граѓанинот Џафери туку отиде како претседател на Собранието, вели Силјановска.
Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица ќе поднесат интерпелација за претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Ова во Собранието денеска го соопштија пратениците Гордана Силјановска-Давкова и Димитар Апасиев.
– Денес сакаме да обзнаниме дека заедно со колегата Димитар Апасиев решивме да покренеме Интерпелација за претседателот на Собранието, господинот Талат Џафери. Има многу причини за интерпелација, меѓутоа некои моменти како оној во Европскиот парламент цврсто не уверија дека сега треба да го сториме тоа. Во компаративното уставно право се вели дека претседател на Собранието треба да биде човек со највисок изборен легитимитет, но и со најдлабок, најширок морален интегритет. Значи, претседателите на собранијата важат за најпочитуваните личности. За луѓе на парламентот и за луѓе пред се на опозицијата. За разлика од оваа европска пракса, нашиот претседател не е човек на парламентот, туку е човек на владата, не се однесува како прв меѓу еднаквите туку се однесува како господар на Собранието, а ние се чувствуваме како да сме советодавно тело. Ниту е неутрален ниту е правичен ниту е непристрасен. Не го чува собранискиот куќен ред како добар домаќин затоа што немаме ни календар за работа. Ние сме единствен Парламент во Европа, а можеби и во светот што нема календар за работа – итакна пратеничката Гордана Силјановска Давкова.
Таа ги образложи причините според кои ќе бараат да се гласа доверба за собранискиот спикер.
– Кога реков конкретната причина што е, значи сите знаете дека во Европскиот парламент господинот Талат Џафери зборуваше на албански јазик, го заборави Уставот, заборави дека во амандманот 5 на членот 7, во ставот 1 пишува дека на целата територија и во меѓународните односи службен јазик е македоснкиот и неговото кирилско писмо. Што значи ова? Господинот Џафери не отиде во Европскиот парламент како граѓанинот Џафери туку отиде како претседател на Собранието и тоа исто така можеби пред да замине требаше да го прочита членот 2, став 2 од Законот за употреба на македонскиот јазик според кој употребата на македонскиот јзик као службен јазик е право и должност на сите граѓани на Република Македонија, а замислете што значи оваа одредба за претседател на Собранието. Затоа што тогаш тој е должен да се држи до Уставот и законите – рече Силјановска.
Втората причина, пратеничката Силјановска Давкова, е една чудна, бизарна номотехника што се применува извесно време во Собранието, непозната не само во која било национална држава туку непозната ниту во федерациите ниту во меѓународните организации, ниту во Советот на Европа ни во Европскиот Парламент. Имено, ние од неодамна сите материјали вклучувајќи ги и законите ги добиваме во две поглавја. На левата страна на македонски, на десната страна на албански јазик.
– Значи мора да има автентична верзија зошто јас кога гласам за две колони гласам и за верзијата на македонски и верзијата на албански јазик, а јас учам, но не го знам албанскиот јазик. Тоа не е во ред. Ниту има правен основ – објасни пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Третата причина е „гласањето со скафандерите“, кога според неа, беше прекршен протоколот и дополнението на протоколот и беше доведено во опасност здравјето на сите пратеници и на сите вработени во ова Собрание.
– Да заклучам, Собранието е како куќа без прозорци, нема демократски воздух туку има авторитарен систем оптоварен со византиски игри, а првиот човек не персонифицира демократија туку персонифицира апсолутизам – рече Силјановска Давкова.
Пратеникот на Левица ги повика сите пратеници, и од власта и од опозицијата, да ја поддржат оваа интерпелација за, како што кажа, „заедно да се стави крај на самоволието на собранискиот спикер, кој во последно време покажува недозволиви автократски тенденции“.
Апасиев соопшти исто така дека во петокот на 2 јули правниот тим на Левица поднесе и итна Иницијатива за вршење вонреден инспекциски надзор до Министерството за култура, кое е надлежно да врши контрола над правилната употреба на македонскиот јазик од страна на јавните и приватните субјекти.
– Повреда на Амандманот V од Уставот на РМ, преку неупотреба на македонскиот јазик во излагањето на Џафери пред Комитетот на министри на Европскиот парламент, како единствен службен јазик во меѓународните односи на Републиката, свесно и злонамерно истиснување на македонскиот јазик од интерната употреба во парламентот, преку противуставно, противзаконско и противделовничко доставување само на двојазични материјали за сите пратеници (на македонски и на албански јазик), а не само за оние пратеници кои говорат друг јазик во службена употреба, различен од македонскиот и повреда на Протоколот и Дополнението на протоколот за организирање седници во услови на коронакриза, кога спикерот – правејќи кривично дело – дозволи двајца позитивни пратеници на Ковид-19 да гласаат во скафандери во Собранието на РМ, свесно загрозувајќи го здравјето на сите останати пратеници – рече Апасиев.