ВМРО-ДПМНЕ ГО ОСУДУВА СКАНДИРАЊЕТО НА ФУДБАЛСКИОТ НАТПРЕВАР ВО ТЕТОВО Ова не е тензија меѓу Албанците и Македонците, туку провокација, посочуваат од владејачката партија
Изразуваме огромна почит кон Албанците за своите гестови на сочувство и почит кон своите сограѓани Македонци поради неодамнешната трагедија во Кочани, соопшти владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ ги осудува говорот на омраза и непочитувањето изразено на фудбалскиот натпревар во Тетово. Тоа не само што не е етички, туку и ги нарушува единството и солидарноста која е повеќе од потребна во овие моменти, соопшти владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Не сакаме да веруваме дека ова е дел од едно сценарио за нарушување на меѓусебните етнички односи, но очигледно националистичките и шовинистички скандирања се последното прибежиште на оние кои во политиката гледаат можност на криминал и на богатење. Ова не треба да се претстави како тензија помеѓу Македонците и Албанците бидејќи изразуваме огромна почит кон Албанците за своите гестови на сочувство и почит кон своите сограѓани Македонци поради неодамнешната трагедија во Кочани“, се наведува во соопштението на партијата.
Од тие гестови треба да се земе пример за заедништво, велат од ВМРО-ДПМНЕ, соживот и меѓусебна почит и да биде светлина во моменти на трагедија и предизвици, но и кога вакви провокации како оваа денеска, од страна на мала контролирана група, ќе се обидат да го нарушат спокојот на сите наши граѓани.
„Благодарност до сите етнички заедници за својот придонес и поддршка на своите сограѓани Македонци во овие тешки времиња на тага и предизвици. Со демонстрирањето на заедништво и меѓусебна почит, Македонија докажува дека е посилна од сите оние кои сакаат да ја однесат во лош правец. Бараме реакција од сите општествени чинители кои мораат да влеат доверба и меѓусебна почит“, се посочува во соопштението на владејачката партија.
🎥 „БАЛИСТИТЕ“ СКАНДИРАА ЗА ВРЕМЕ НА МОЛКОТ ЗА ЖРТВИТЕ ВО КОЧАНИ Шкендија ризикува долга суспензија