ВМРО-ДПМНЕ ГО ОСУДИ ГОВОРОТ НА ОМРАЗА ЗА ЛУНА СТЕФАНОСКА Партијата има безрезервна поддршка за нивната кандидатка за советник во Град Скопје
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува организациите за женски права, политичките партии, Хелсиншкиот комитет и сите здруженија, да го осудат говорот на омраза што се шири на социјалните мрежи за Стефаноска.
ВМРО-ДПМНЕ го осудува говорот на омраза врз Луна Стефаноска и ги повикува организациите за женски права, политичките партии, Хелсиншкиот комитет и сите здруженија, да го осудат говорот на омраза што се шири на социјалните мрежи за Стефаноска.
– Најостро го осудуваме срамниот, омаловажувачки говор, полн со мизогинија и омраза кој последните денови се шири на социјалните мрежи, насочен кон нашата членка и кандидатка за советничка во Советот на Град Скопје, Луна Стефаноска. Овој тип напади, кои не се аргументирани ниту се базираат на критика за политички ставови или јавни настапи, туку се сведуваат на лични навреди, сексистички коментари и деградација на жената како личност, претставуваат закана не само за слободата на изразување, туку и за достоинството на секоја жена која се бори да биде дел од јавниот и политичкиот живот – изјави Марија Митева, членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа нагласи дека жените во политиката секојдневно се соочуваат со пречки, но кога тие напади доаѓаат во форма на отворен говор на омраза, тогаш тоа е аларм кој не смее да се игнорира.
– Додека од една страна сите заедно се трудиме да ги вклучиме младите во општествениот живот, да го користиме потенцијалот на секој млад поединец, од друга страна речиси и да нема случај во кој младите, особено жените или девојките не се соочиле со ваков или сличен напад. Ве повикувам сите вас, граѓаните, организациите на женските права, сите политички партии, кандидатите за градоначалници, носителите на советничките листи, Хелсиншкиот комитет и сите граѓански здруженија, кои се борат против дискриминација и говор на омраза, да заземат јасен став и јавно да го осудат ваквиот напад. Ова не е само напад само врз една жена или девојка, ова е напад врз сите оние кои одлучиле да не молчат, да бидат активни и да се борат за промени. Нашата борба против говорот на омраза нема да престане, а поддршката за нашата Луна е безрезервна – рече Митева.
Таа нагласи дека во време кога како општество треба да градиме толеранција, дијалог и еднаквост, секој ваков случај мора да биде јавно осуден и институционално санкциониран.