ВМРО-ДПМНЕ ГИ ПРЕПОРОДИ ОПШТИНИТЕ, А СДСМ ГИ ОСТАВИ ВО ДОЛГОВИ Изградени се патишта, училишта, градинки, спортски сали…
Граѓаните повеќе не им ја даваат довербата на СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ ги препороди општините, кои беа оставени со празни каси, без проекти и без визии, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Венко Филипче и СДСМ повторно забораваат дека беа на власт во поголем дел од општините низ државата, до пред само 4 години. Тоа беа времиња кога секојдневно бевме сведоци на локални, но и централни скандали и афери, кои ги приредуваа нивните функционери, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа граѓаните повеќе не им ја даваат довербата, а ВМРО-ДПМНЕ ги препороди општините, кои беа оставени со долгови и со празни каси, без проекти и без визии, се вели во соопштението.
„Да ги потсетиме СДСМ и Филипче дека изминативе 4 години локална власт изградивме и реконструиравме улици и патишта во вкупна должина од над 770 километри, во вкупна вредност од околу 100 милиони евра. Направени се 46.840 метри нови водоводи, изградени се канализации во должина над 91.000 метри. Изградени или во завршна фаза на градење се 7 пазари од затворен тип. Изградени или во завршна фаза на градење се 12 пречистителни станици“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Модернизирани се над 400 училишта и поставени се фотоволтаици на поголем број од нив, се додава во соопштението.
„Обезбедена е бесплатна храна за децата од 1 до 5 одделение и обезбедено е бесплатно летување за децата од социјално загрозените семејства во голем број на општини. Со доградба и реконструкција на училиштата се воведе и едносменска настава. Реконструирани и модернизирани се над 70 детски градинки, а новоизградени се неколку десетици градинки и за оваа цел се инвестирани над милијарда денари. Исто така, завршени или во завршна фаза се 274 спортски игралишта или детски рекреативни терени“, соопшти партијата.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека е изграден полузатворен градски пазар на површина од 1.200 квадратни метри со обезбедени паркинг места во Штип.
„После долги години изграден е нов покриен пазар во Велес. Во завршна фаза е изградбата на модерен градски пазар со простории за трговија, катна гаража и канцеларии во Радовиш. Изградена е пречистителна станица за отпадни води во селото Видовиште со финансиска конструкција од 1,9 милиони денари. Направена е изградба и реконструкција на 20-тина повеќенаменски спортски и детски игралишта во општина Охрид“, се вели во соопштението.
А за тоа како изгледа поддршката на централната власт на општините, за која Филипче и СДСМ немаа никаква идеа и визија, најдобро се гледа во инвестираните 500 милиони евра за капитални проекти за локален развој за општините, потенцира ВМРО-ДПМНЕ.
„За само една година по преземањето на одговорноста на централната власт се овозможи да се инвестираат 500 милиони евра за локален развој преку два јавни повика. На последниот втор повик имаше 887 проекти од 80 општини. Само во овој момент се реализираат проекти во општините од над 100 милиони евра обезбедени од Владата. И таа поддршка ќе продолжи. ВМРО-ДПМНЕ работи во интерес на граѓаните. Чесно, отчетно и транспарентно. Затоа, на следните локални избори, граѓаните ќе ја дадат поддршката на кандидатите за градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението на владејачката партија.