ВМРО-ДПМНЕ ГИ ОТФРЛА ОБВИНУВАЊАТА НА СДСМ „Тендерска пирамида“ без докази, реагираат од партијата
Владејачката партија тврди дека јавните набавки се спроведени согласно закон и ги обвинува социјалдемократите за политички манипулации без докази.
ВМРО-ДПМНЕ остро ги отфрли обвинувањата што денеска ги изнесе СДСМ за наводна „тендерска пирамида“ вредна 16 милиони евра, оценувајќи ги како неосновани политички конструкции без ниту еден конкретен доказ.
Од владејачката партија порачаа дека сите јавни набавки во општините и во Град Скопје се спроведуваат согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки, достапни за проверка од сите надлежни институции.
„СДСМ продолжува со старата матрица на шпекулации, без факти и без докази. Сите јавни набавки се спроведени законски и транспарентно“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека СДСМ, наместо да пласира анонимни наводи, треба да одговори за сопствените корупциски скандали од периодот на нивното владеење.
Претходно, Антикорупцискиот тим на СДСМ на прес-конференција објави дека фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ од 2022 година до денеска добила 51 тендер во општини управувани од градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, со вкупна вредност од околу 16 милиони евра.
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, изјави дека фирмата добивала најмногу тендери во општините Аеродром и Гази Баба, но и во Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Гевгелија, како и од Град Скопје. Според него, дел од договорите биле финансирани и со средства од унгарскиот кредит, а последниот тендер со Град Скопје, вреден 320.000 евра, бил склучен во декември 2025 година.
Фрчкоски побара Јавното обвинителство, Финансиската полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата да постапат по, како што рече, серијата објавени случаи за јавни набавки.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, порачаа дека ваквите прес-конференции се обид за дефокус од реалните проблеми и одговорностите на СДСМ од минатото, потенцирајќи дека граѓаните заслужуваат сериозна и одговорна политика, а не дневнополитички конструкции.