ВМРО-ДПМНЕ Е ЗА ОНЛАЈН ПОПИС Власта не е кадарна да обезбеди попишувачи и да се справи со коронавирусот
Потпретседателот на партијата смета дека недостигот на попишувачи е затоа што СДСМ нема доволно скромни партиски војници.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски смета дека e најдобро да се спроведе електронски попис бидејќи имаме поразителни бројки на заразени и починати од корона вирусот, а владата нема капацитет да го обезбеди потребниот број на попишувачи за спроведување на операцијата.
Николоски потсети дека ВМРО-ДПМНЕ цело време бара во Македонија да се проведе електронски попис со што би се избегнало физичко посетување на граѓаните во домовите, така што би се спречило ширење на заразата и би се заштитело здравјето на граѓаните и би се спречиле манипулациите што власат сака да ги прави.
– Најдобар начин да се спроведе целата оваа процедура е да се направи електронски попис, кој што ВМРО-ДПМНЕ цело време го бара. Со електронски попис, без физичко посетување на граѓаните во домовите, ќе се спречи заразата да се шири, а ќе може точно да утврдиме колку има население во Македонија за да нема манипулации какви што власта сега сака да прави. Така што, решение е електронски попис за да се заштити здравјето на граѓаните и да нема манипулации – рече Николоски.
Во однос на недостигот, односно неможноста да се обезбеди доволен број на теренски попишувачи, тој смета дека нема доволно партиски војници во СДСМ.
– Во однос на пописот, власта на Зоран Заев покажува дека е тотално неспособна, ништо не знаат да завршат и да направат. Како што гледаме сега имаат проблем со обезбедување на попишувачи. Сметам дека основна причина зашто има проблем со обезбедување попишувачи затоа што луѓето знаат дека тие попишувачи се избираат партиски, а знаат дека се избираат партиски затоа што огласите за попишувачи беа објавувани од страна на општинските организации на СДСМ. Така што, никој којшто не е дел од СДСМ не се пријавува затоа што знаат дека изборот оди преку СДСМ, а гледаме дека СДСМ нема некој голем потенцијал да тоа го заврши, односно имаат скромно членство во моментот, затоа што луѓе бегаат од СДСМ – констатираше Николоски