ВМРО-ДПМНЕ Е СПРЕМНО ЗА ИЗБОРИ НА 14 ИЛИ НА 21 МАЈ Мицкоски би прифатил техничка влада да има помалку од 100 дена
И за десетина месеци колку имаат пред нив и под услови да нема предвремени не очекувам нешто повеќе да се променат работите, туку ќе бидат се полоши, ќе имаме неколкумина побогати политичари, а народот буквално нема да добие ништо, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не очекува влезот на Алијанса за Албанците (АА) во Владата да ги промени работите, туку, како што изјави денеска од Општина Петровец, да ги влоши.
– Се губи надежта кај граѓаните, дека може нешто да биде подобро. Дали АА ќе влезе или не, тоа е претпоставувам одлука на раководството на АА, одлука на коалицијата СДСМ – ДУИ и за десетина месеци колку имаат пред нив и под услови да нема предвремени избори, не очекувам нешто повеќе да се променат работите, туку ќе бидат сѐ полоши, ќе имаме неколкумина побогати политичари, а народот буквално нема да добие ништо – рече Мицкоски.
Лидерот на партијата нагласи дека доколку новиот состав на Владата има поддршка од 61 пратеник нема да има избори во мај.
– Кога зборував за избори во мај, зборував за последен период кога има логична оправданост пред граѓантие да се случат изборите. Ако организирате избори наесен, октомври или ноември, а неколку месеци потоа се претседателските, се поставува прашањето дали е тоа одговорно однесување. Во услови на ваква криза Македонија не може да си дозволи два изборни круга. Логичен термин е мај, а дали ќе се случи ќе видиме кога ќе дојде предлогот на Ковачевски во Парламентот со новиот состав. Доколку има 61 пратеник кои ќе го изгласаат автоматски новиот состав, ќе значи дека ќе нема избори во мај. Доколку нема 61 пратеник веднаш потоа треба да се оди на предвремени. Ние како ВМРО-ДПМНЕ сме подготвени за избори на двата датума, 14 и 21 мај. Доколку се направи пресметка што би значело тоа во денови, нема техничка влада сто дена, но ние сме подготвени и на тоа, нека има помалку денови техничка влада само да ги спасиме граѓаните – изјави Мицкоски.
Тоа што денес се случува, тој го изедначи со шахот.
– Во шахот не е суштината да дадете шах, туку да дадете мат. Набргу од денеска ќе бидеме сведоци на еден таков мат кој ќе го добие оваа Влада на ДУИ поддржана од СДСМ засилена сега со неколкумина политичари кои гледаат да бидат побогати во наредните десет месеци на грбот на народот – нагласи Мицкоски.