ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати избори во јули, но не без меѓународна посматрачка мисија и под диктатот на Заев!
Иако ВМРО-ДПМНЕ не очекува брзо смирување на пандемијата во Македонија и принципиелно се залага против избори во ризичен период за здравјето на граѓаните, во партијата се проценува дека геостратешките околности во регионот и високиот предизборен рејтинг би можеле да бидат добра причина опозицијата да прифати предвремените парламентари избори да се одржат најрано во средината на јули, дознава Плусинфо.
– ВМРО-ДПМНЕ нема причини да бега од избори, зашто Заев и СДСМ ќе бидат поразени, дури и ако изборите се одржат на 5 јули. Но, постојат две крупни причини поради кои партијата смета дека 5 јули не е прифатлив датум. Првата причина е добро позната, пожелно е сите заедно да купиме барем уште малку време, во надеж епидемијата да стивне и да се создадат услови за одржување на повеќе или помалку безбедно гласање. Втората причина е што ВМРО-ДПМНЕ не може да прифати избори на кои дури и официјалната кампања ќе мине без стандардниот меѓународен мониторинг, а не само изборниот ден. Еве, опозицијата ги толерира започнатата неформална кампања и широко распространетиот поткуп на избирачите во форма на некаква хуманитарна помош, но како да прифати почеток на кампањата без присуство на меѓународни посматрачи? Тоа не се случило на ниту едни избори до сега – брифира за Плусинфо извор близок до најголемата опозициска партија, по разговорите на европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји со Христијан Мицкоски и со Зоран Заев, одржани вчера, среда, 10 јуни.
Како што е познато, по разговорите комесарот Вархеји порача дека е важно изборите да бидат слободни, фер и инклузивни. Во пораката на Вархеји исто така се посочува дека кризата со корона вирусот мора да се земе предвид при утврдувањето на датумот за избори. Европската комисија не го одобрува обидот на владејачкиот СДСМ сам, без согласност со другите моќни политички партии, да го истурка 5 јули како единствен можен датум за изборите. Според некои неофицијални информации, доколку се испочитува стандардното правило меѓународни посматрачи да ги мониторираат изборната кампања и изборниот ден, а под услов мисијата најитно да ги почне подготовките за доаѓање во Македонија, првиот датум за одржување на изборите би можел да биде 15 јули.
Зарем е можно да не се премости разликата од само десет дена?
– ВМРО-ДПМНЕ настапува принципиелно и конструктивно. Партијата го прифатила аргументот дека септември би можел да биде клучен период за затворање на некои важни регионални прашања и дека во такви околности за Македонија е важно да добие стабилна политичка влада брзо, уште во јули. Раководството е сигурно во рејтингот на партијата и очекува сигурна победа на овие избори. Но, тие не сакаат Пирова победа. Не можат да прифатат да бидат изведени на силувани избори, без договор, со изборен процес без меѓународен мониторинг и во овој момент се уште без јасни и конечни протоколи за тоа како ќе тече изборниот ден, односно деновите на гласање – вели нашиот извор и додава дека предлог на ВМРО-ДПМНЕ било стандардното дводневно гласање (при што во сабота гласаат затворениците и болните) да се дополни со уште еден ден, за да можат да гласаат и заразените од ковид-19 кои се во изолација.
Правилото од протоколот според кое на секое избирачко место во еден момент ќе може да гласа само еден избирач, според проценките, ќе значи дека на секој избирач ќе му бидат потребни до 3 минути за да го оствари своето право на глас. И поради тој факт, како и поради стравот од зараза, многу луѓе веројатно нема да можат да го остварат своето право на глас, што ќе го намали легитимитетот на изборниот процес во целина.
– И покрај овие јасни факти, кои вчера му биле предочени на комесарот Вархеји, ВМРО-ДПМНЕ сака да прифати изборна битка, во која смета дека ќе биде сигурен победник. Но, поголем дел од раководството на партијата жестоко се противи да се оди на избори на 5 јули само поради хирот на Заев и под негов диктат, во околности кои се целосно неразумни и неприфатливи – вели нашиот извор.
Во наредните два дена се очекува да продолжи индиректната комуникација со посредници меѓу партиите за датумот на изборите. Од двата спротивставени табора пристигнуваат охрабрувачки пораки дека очекуваат сигурна победа на овие избори. Неизвесно е само дали ќе падне договор за датумот на одржување на изборите.