ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација за министерот Филипче

На Македонија ѝ треба министер за здравство, а не министер за тендери и провизии. 3.340 починати од ковид или најголема човечка катастрофа по Втората светска војна во земјава, рече пратеникот Пецаков. 

282

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ до Собранието ќе поднесе предлог за интерпелација на министерот за здравство Венко Филипче.

– Министер за зараза и смрт, кому видовме дека поважни му се провизиите за вакцини, од животот на граѓаните што се потврдува и со најновиот скандал. Кина ги продава вакцините против корона по 30 долари, Филипче нудеше над 60 долари. Причината е јасна, наместо во потрага по вакцини, власта беше во потрага по провизии. Фантом фирма од Хонг Конг без вработени медицински лица требаше да биде фаворизираниот набавувач на вакцините по дупло поскапа цена од реалната. Единствени сме во светот по најлошото справување со корона кризата. Македонија е на 118 место од 122 држави по број на вакцинирани. Од нас полоши се само Египет, Уганда, Св. Хелена и Екваторијална Гвинеја. 5-то место, но од позади. И ова не го кажува ВМРО, ова го нотира Блумберг. Срам и резил – изјави Кирил Пецаков, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.






Тој посочи дека Филипче е најодговорен за, како што рече, катастрофалното справување со корона кризата поради неследење кластери, немање лекови, немање болнички кревети, респиратори, протокли за лечење и движење на пациенти, ненавремени и несоодветни мерки.

– Има од рака наметнат полициски час, а во преполните автобуси има корона кластери, што само покажува дека се нема концепт. Како системот го штити здравјето на луѓето? Никако – додаде Пецаков.

Тој потсетува дека Филипче оставил белег со две работи.

 

– Филипче почна со славниот тендер за централизирање на биохемиски лаборатории и шемата со Александар Јовановски Жути чија фирма беше отворена за да се протне овој тендер. Висината на тендерот беше 35 милиони евра, а тендерот не помина по реакција на опозицијата. Тендер шемите продолжија со физибилити за приватизација на Итната медицинска помош. Оваа работа сопре на физибилити студија. Сомнежот е дека се испраа пари преку фирма само да каже дали има оправданост или не да се приватизира оваа служба. Не му беше доволно па распиша тендер за стерилизација наместо реорганизарање на здравствениот систем. Најдоа компанија која ќе ја врши стерилизацијата во јавните здравствени установи ширум државава, на директорите им доставија модел договор за потпишување. Со договорот кој што ги тераат и уценуваат да го потпишат, буџетот кој се троши за стерилизација во јавните здравствени установи ќе биде до 10 пати поголем од оној што се троши до сега. Наместо да го направи Клиничкиот центар за кој ВМРО-ДПМНЕ обезбеди и проект и пари, Филипче почна постапка за нов Клинички центар, три пати поскап. Проектот им е од 500-700 милиони евра и нема решено имотно-правни односи на местото каде што планираат да го градат. Трето, градбата на нов Клинички центар вака како што тие го замислуваат и сакаат да го протуркаат претставува извор на корупција. Значи најкорумпираната влада во Европа турка проект од пола милијарда евра за кои нема никакви детали. Четврто, самата јавна набавка како што ја опишуваат во овој таканаречен Предлог на закон за реализација на проект нов Клинички центар е спорна. Со оваа работна верзија се елиминира конкуренцијата, не се добива најдобриот понудувач, туку се стимулира можноста за фиктивни понуди. Дури, постои и можност за однапред договорени фиктивни понуди. Филипче ќе го раскрчмува и Рентген институтот при Клиничкиот Центар во Скопје – рече Пецаков.

Затоа, порача тој, време е Филипче да си оди, за да се спасат животи.

– На Македонија ѝ треба министер за здравство, а не министер за тендери и провизии. 3.340 починати од ковид или најголема човечка катастрофа по Втората светска војна во земјава, 3.340 причини Венко Филипче да си поднесе оставка. Наместо министер за здравје Филипче, стана министер за смрт – додаде пратеникот Пецаков.

Поврзани содржини