ВМРО-ДПМНЕ: Дали Мијалков во обвинителството е донесен со владин службен „фолксваген пасат“?
Опозициската партија прашува што правел Мијалков 40 минути во ЈО пред да излезе пред камерите?
ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение излезе со нови детали за, како што велат, коалицијата на премиерот Зоран Заев со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
„Коалицијата Заев – Мијалков се повеќе излегува на виделина. А доказите се на секаде. Мијалков се појавил во ЈО во 16 часот, а театарот пред камери го прави во 16.40 часот. Што правел Мијалков 40 минути и дали ЈО го пуштило да прави циркус пред камери? Мијалков наместо веднаш во куќен притвор глумел изненаден, и му правел на Заев простор за промоција“, се вели во соопштението.
Од партијата прашуваат и дали Мијалков во ЈО е донесен со службен владин црн автомобил марка „фолксваген пасат“? И каде бил претходно?
„Две минути откако се снимал Мијалков пред ЈО, Заев се јавува со фејсбук објава каде што се фали дека тој вршел притисок Мијалков да се предаде. Режијата е премногу очигледна. Заев и Мијалков се цело време во комуникација. А да не беше ВМРО, народот и меѓународната заедница Мијалков сега ќе беше на слобода, бидејќи тоа беше планот на Заев, за да можат да прават вештачка криза во ВМРО“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата бара одговроност за Заев.