ВМРО-ДПМНЕ ДА УЧЕСТВУВА ВО РАБОТНИТЕ ГРУПИ, СДСМ ДА ГИ ПРИФАТИ ПРЕДЛОЗИТЕ НА МИЦКОСКИ Партиите меѓусебно се прозиваат за уставните измени

Со одложено дејство на уставните измени, т.е. со нивно влегување во сила кога ќе станеме членка на Европската Унија, ѝ се одзема на Бугарија од раце алатката за уцени и од потенцијален кочничар на Македонија, ќе стане активен чинител за забрзување на нашата интеграција – изјави пратеникот Стојаноски.

392

СДСМ ја повикува ВМРО-ДПМНЕ да номинира свои претставници и работните групи за подготовка на уставните измени и да започнат работните средби што е можно поскоро.

„Условите за одложена примена на уставните измени до втората меѓувладина конференција се прифатени. ДУИ има јасна позиција потврдена на органите на оваа партија и подготвена е да отстапи во интерес на европската иднина. Македонскиот јазик и идентитет се заштитени, но и дополнителна гаранција очекуваме да се случи многу скоро. Затоа, сметаме дека има добра основа и дијалогот треба да продолжи за начинот на спроведување на уставните измени.






Ние, како и целокупната јавноста, очекуваме Мицкоски да остане на ставот и преземените обврски и да остане во процесот. Доколку избега од процесот или повторно го промени ставот, тоа ќе биде уште едно од низата разочарувања“ – се вели во соопштението на СДСМ.

Истовремено, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски ги повика премиерот Димитар Ковачевски и СДСМ да се изјаснат во однос на предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, кои, како што рече, го гарантираат нашиот идентитет, јазик и историја, а истовремено ја забрзуваат интеграцијата во Европската Унија.

– Со одложено дејство на уставните измени, т.е. со нивно влегување во сила кога ќе станеме членка на Европската Унија, ѝ се одзема на Бугарија од раце алатката за уцени и од потенцијален кочничар на Македонија, ќе стане активен чинител за забрзување на нашата интеграција – изјави на прес конференција Стојаноски.

Во таква ситуација на одложено дејство на уставните измени, вели Стојановски, секое дополнително кочење на Македонија од страна на Бугарија, ќе ризикува за нив никогаш да не се ефектуираат уставните измени.

– Одложената примена на уставните измени, не е кршење на преговарачката рамка и нема дополнителни уставни и идентитетски отстапки, со самиот чин што ќе се заштитиме од идни уцени. Покрај тоа, овој предлог опфаќа и преодна влада без ДУИ.

Од друга страна и вториот предлог кој го предложи претседателот Мицкоски, опфаќа избори на есен, барање гаранции од ЕУ за нашиот многувековен идентитет, барање од Бугарија да имплементира најмалку 3 пресуди на Европскиот суд за човекови права за правата на Македонците и барање на финансиски пакет за државата од Европската Комисија. Исто како и првиот, така и овој предлог ја гарантира нашата интеграција и идентитет. СДСМ и Ковачевски мора да се изјаснат кој од овие два предлози ги прифаќаат – вели пратеникот Стојаноски.

Поврзани содржини