ВМРО-ДПМНЕ: Да се повлече концепцијата за бришење на предметот историја
Оваа влада на најнетранспарентен начин, тајно, без чувство за потребите на државата и сопствениот народ, и го избриша името на историјата од наставните планови. Срамота и голема, голема, огромна штета - посочи Бицевски.
Во новата концепција за реформа на основното образование предложена од министерката Мила Царовска, посебен предмет историја нема. Историјата е избришана како предмет и интегрирана во предмет општествени науки, истакна Јован Бицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Тоа се случува токму во момент кога Бугарија ни ги оспорува и историјата и јазикот и идентитетот. Можно ли е ова да е случајно? Дури и да поверуваме дека е случајно, по толку бурните и опсежни реакции од бројни засегнати и релевантни страни, како што се Институтот за историја, Филозофскиот факултет, Здружението на историчари, МАНУ и други, јасно е дека историјата како засебен предмет треба да се врати во концепцијата или концепцијата треба да се повлече, а во најмала рака детално да се преработи. Ако тоа не се случи значи дека Министерката, а и целата Влада не ги почитуваат ниту релевантните институции, ниту мислењето на сопствениот народ. Историјата е наука која учи за луѓето и општествата, за настаните и причините за тие настани, учи за промените и причините заради кое едно општество е такво какво што е во сегашноста, учи патриотизам и почит кон сопствената татковина и гради лојалност кон сопствената држава – рече Бицевски.
Историјата е учителка на животот, додаде тој.
– Оваа влада на најнетранспарентен начин, тајно, без чувство за потребите на државата и сопствениот народ, и го избриша името на историјата од наставните планови. Срамота и голема, голема, огромна штета – посочи Бицевски.