ВМРО-ДПМНЕ: Брутално сквернавење на знамето е предложеното лого за одбележување 30 години самостојност, бараме распишување нов конкурс
Од опозициската партија велат дека покрај прикажаниот естески аматеризам, предложеното решение го доведува во прашање општественото уредување и историскиот континуитет на македонската државност.
Предложеното идејно решение не претставува ништо друго, освен брутално сквернавење на знамето на Република Македонија како симбол на нејзината државност. Бараме итно и неодложно повлекување и распишување на нов Конкурс со прецизни параметри кои треба да бидат испочитувани при изборот на ново лого, се вели во реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за изборот на логото за 30 години самостојност.
– Како комисија за култура на ВМРО – ДПМНЕ најостро го осудуваме изборот на лого за одбележување на 30 годишнината од осамостојувањето на Република Македонија. Покрај прикажаниот естески аматеризам, предложеното решение го доведува во прашање општественото уредување и историскиот континуитет на македонската државност. Непостоењето на терминот „Република“ како одредница за општественото уредување и пренебрегнувањето на фактот дека на 8 Септември 1991 година, македонскиот народ гласаше за суверена и независна држава Република Македонија, го прави понуденото решение целосно неприфатливо- велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од овие причини, додаваат од партијата, бараме итно и неодложно повлекување и распишување на нов Конкурс со прецизни параметри кои треба да бидат испочитувани при изборот на ново лого.
– Потсетуваме, дека понуденото несреќно решение е уште еден доказ во низата недоследности кои Владата предводена од СДСМ ги прави на штета на македонскиот идентитет и државните симболи на Република Македонија – велат од ВМРО-ДПМНЕ.