ВМРО-ДПМНЕ БАРА РАЗРЕШУВАЊЕ НА АЛЕКСОВСКА СТОЈАНОВСКА Која е поврзаноста на судијката со СДСМ и со Венко Филипче?
Каква и да е поврзаноста од можните опции меѓу СДСМ и судијката Даниела Алексовска Стојановска, едно е сигурно, таа врска е многу длабока и целосно ја компромитира судската власт која треба да биде една од трите независни власти, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ бара Судскиот совет да ги земе предвид аргументите за тесната поврзаност на судијката Алексовска Стојановска со СДСМ и да ја разреши од позицијата. Во соопштение до јавноста партијата исто така бара СДСМ и Венко Филипче да излезат и јавно да кажат дали и колку пари ѝ плаќале на судијката која го ослободила од затвор возачот убиец.
„Деновите поминуваат, дилемите се редат, а СДСМ и Филипче глас не пуштаат. Со нивниот молк уште повеќе ја зголемуваат недовербата на граѓаните во правосудните институции и ги зголемуваат, но и потврдуваат, сомнежите дека СДСМ на власт целосно ги политизираше.
СДСМ и Венко Филипче веќе не треба да се кријат. Или пак отстапениот деловен простор од семејната куќа на Даниела Алексовска Стојановска за општински штаб на СДСМ во Ранковце е донација од страна на судијката за партијата на Филипче?
Согласно македонските закони, СДСМ можеле да го изнајмат деловниот простор од куќата во Ранковце, сопственост на судијката Алексовска Стојановска, за таму да смести партиски штаб и за тоа да платат кирија.
Исто така, и судијката на СДСМ можела да и го отстапи деловниот простор од сопствената куќа без надомест, нешто што ќе потпадне под поимот донација.
Затоа СДСМ и Венко Филипче мора да кажат каков однос имала партијата со судијката која зад затвор, за трговија со дрога, го ослободила убиецот на младата Фросина. Дали СДСМ ѝ плаќале кирија на судијката, ако да колку и зошто ја избрале токму нејзината куќа?
Или пак станува збор за подарок, односно донација за СДСМ од страна на судијката Алексовска Стојановска, во форма на отстапување на деловен простор од семејната куќа, без за тоа да бара паричен надомест?
Каква и да е поврзаноста од можните опции меѓу СДСМ и судијката Даниела Алексовска Стојановска, едно е сигурно, таа врска е многу длабока и целосно ја компромитира судската власт која треба да биде една од трите независни власти.
Исто така, овој случај на партиско судско тесно поврзување, дополнително ја намалува и така нарушената доверба на граѓаните во правосудните органи.
Затоа, имајќи го во предвид сето ова, го повикуваме Судскиот совет да ги земе во предвид сите аргументи и Алексовска Стојановска да ја разреши од позицијата судија“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.