ВМРО-ДПМНЕ БАРА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА ОТВОРИ ИСТРАГА ЗА ТРЕНДАФИЛОВ Лидерот на Синдикатот си ги злоупотребил децата за да ги одбрани привилегиите

322

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно ѝ даде поддршка и ги осуди нападите врз својата колешка и заменик-координаторка Дафина Стојаноска од страна на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, по објавените фотографии, на кои се гледа дека тој за приватни цели го користи службеното возило.

Таа го повика Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага по допрен глас.






– Она што го видовме од страна на Слободан Трендафилов не е ништо помалку од директен атак, обид за замолчување и брутален притисок врз жената во политиката. Наместо да одговара за сопствените постапки, Трендафилов избра кукавички начин да ја нападне жената која имаше храброст јавно да го изнесе неговото расипништво. Ова е класичен пример на мизогинија, каде маж на функција се обидува да дискредитира и деградира жена, само затоа што таа ја обелоденила вистината – рече Лидија Петкоска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа ги повика сите релевантни домашни и меѓународни организации за заштита на правата на жените, невладиниот сектор, народниот правобранител и сите други надлежни институции, веднаш да реагираат.

– Молкот пред вакви агресивни напади само му дава ветар во грб на секој следен функционер кој ќе помисли дека може да се пресметува со жените пратенички преку навреди и закани. Дафина Стојаноска не е сама, зад неа стоиме сите ние и нема да дозволиме овој обид за замолчување и закани да помине неказнето – додаде Петкоска.

Таа додаде дека треба да се расчисти тоа дека никој не ги напаѓа децата на Трендафилов.

– Никој не му ги напаѓа децата. Тоа е негова лична измислица за да избегне одговор на прашањето, што бара службеното возило на ССМ на локации за негови приватни цели? На јавно достапните снимки, идентитетот на лицата е заштитен токму затоа што целта не се децата, туку расипништвото и двојните аршини на нивниот татко. Трендафилов е тој што ги злоупотребил сопствените деца како жив штит за да ги одбрани неговите привилегии и комфор, ставајќи ги во возило кое му припаѓа на македонскиот работник – рече таа.

Според неа, Трендафилов е целосно нелегитимен претседател, а неговото однесување е потврда дека тој е таму само за да си ја зачува фотелјата и функционерскиот комфор.

– Времето на неказнивост за милениците на претходниот систем, заврши. Господине Трендафилов, наместо да плачете по медиуми и да напаѓате жени, подгответе си ја оставката, веднаш. Македонија веќе нема трпение за вакви ликови кои возат службени автомобили, а народот го лажат и повикуваат да оди пеш – рече Петкоска.

 

Поврзани содржини