ВМРО-ДПМНЕ БАРА ОЈО ДА ОТВОРИ ПОСТАПКА Георгиевски непотребно потрошил 2 милиона евра пари на граѓаните
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Борче Георгиевски направил штетна набавка на осветлување.
ВМРО-ДПМНЕ го повика обвинителството да отвори постапка за набавката за осветлувањето во општина Гази Баба за време на претходниот градоначалник. Од партијата побараа новиот градоначалник кој е од нејзините редови да ги ревидира постапките за јавна набавка на осветление, со која како што вели партијата, е оштетен буџетот на општината.
– Институциите и градоначалникот да утврдат дали фактичката состојба на терен соодветствува со таа во надзорот, општината и пријавената од фирмата изведувач. Дали се работи за реални потреби и работи или било потребно само да се исплатат аванси пред избори? – бара ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Борче Георгиевски направил штетна набавка.
– За само 103 дена Борче Георгиевски од СДСМ како градоначалник на Гази Баба потрошил 11 милиони денари за поставување на нови линии за осветлување, и истовремено додека уште не завршил овој период доделил уште еден тендер од 1.7 милион евра за замена за актуелните светилки со лед, при што исплатил 20 отсто аванс. Георгиевски потрошил 2 милиона евра пари на граѓаните на Гази Баба за нецела година за осветлување – велат од партијата.