ВМРО-ДПМНЕ БАРА ИТНА СЕДНИЦА ЗА НАДЗОР НА АНБ За одложувањето на денешната седница од власта го вперуваат прстот кон СДСМ и кон ДУИ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши за денеска во 11 часот ја имаше закажано седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање. Седницата утрово беше откажана без образложение.
ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да има седница на Комисијата за надзор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), а на СДСМ му порача причината за нејзино одложување да ја бара „кај нивниот коалиционен партнер Скендер Реџепи и ДУИ“.
„ВМРО-ДПМНЕ повторно и денес, бара уште веднаш итна седница на Комисијата за надзор на АНБ, и веќе следниот работен ден, односно во вторник во 09 часот, да се изврши увид во просториите на АНБ. СДСМ и денес докажува дека го следеле претседателот Мицкоски откако се излетаа на прес-конференција. Во однос на одложената седница, ги замолуваме СДС да се обратат кај нивните коалициони партнери, односно Скендер Реџепи и ДУИ“, реагираше кусо ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, се откажа седницата која беше закажана за денеска на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање во врска со актуелните сомнежи за незаконско прислушување од Агенцијата за национална безбедност, кое се вршело во периодот од 2019 до 2024 година. Од собраниските служби немаше образложение за одложувањето на седницата.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши за денеска во 11 часот ја имаше закажано седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање.
Како што информираа вчера од собраниската прес-служба, со седницата требаше да претседава пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.
Ова следи откако пратеникот Љупчо Пренџов како член на собраниската Комисија за надзор на АНБ и АР јавно го повика претседателот на Комисијата Скендер Реџепи од Eвропскиот фронт да закаже итна седница по што претседателот на Комисијата Скендер Реџепи рече дека додека е претседател и дискриминиран нема да свика таков состанок.
– Целта е на седницата да се разгледаат загрижувачките сомнежи за незаконско постапување во АНБ, односно да утврдиме точен датум за официјална посета во Агенцијата за национална безбедност преку која ќе извршиме директен увид во состојбите и темелно испитување на сите околности поврзани со овие настани – изјави Пренџов.
Овие случувања, според пратеникот, предизвикале силна вознемиреност во јавноста и, како што рече, ја поткопуваат демократијата и довербата во институциите задолжени за заштита на националната безбедност.
Реџепи потенцира дека тој не може да присуствува на таква седница бидејќи информациите се класифицирани, а тој нема одговор на барањето за безбедносен сертификат кое го побарал уште во ноември или декември минатата година.
– Која би била логиката, претседателот на Комисијата да не може да присуствува на една таква Комисија или таков претрес во службите. Пред една година имам поднесено барање за безбедносен сертификат. Сметам дека тоа е дискриминација – истакна Реџепи.