ВМРО-ДПМНЕ бара да се одложат изборите во Штип и во Пласница
Изборот за градоначалник на Штип со мандат од само 9 месеци може да почека, но заштита на здравјето на Македонија не смее да се занемари, изјави Дафина Стојаноска, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМН по вечерашната седница на ИК.
Изразуваме длабока загриженост за развојот на здравствената и економската врзана со ковид заразата. Евидентно е дека Владата, Зоран Заев и министерот Филипче немаат контрола над работите и исклучително лошо менаџираат со целокупната состојба. За ова говори и фактот што за два дена имаме над 40 мртви и речиси двеипол илјади новозаразени со ковид-19. Нашата земја е на самиот врв во регионот по бројот на заразени и по бројот на починати споредено со бројката на направени тестови, изјави Дафина Стојаноска, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМН по вечерашната седница на ИК.
– Сето ова укажува на тоа дека нема услови за одржување на локални избори во Штип и Пласница и дека истите треба да се одложат се до обезбедување на пристојни и нормални услови за функционирање и фер изборна кампања, што беше и едногласен став на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Денес има 1192 новозаразени, што се нови 1192 причини за одложување на изборите се до обезбедување на нормални услови со кој би се гарантирало здравјето на граѓаните – рече Стојаноска.
Таа истакна дека не може власта да бара задолжително носење на маски, а да очекува партиите да водат нормална кампања.
– Не може да има забрана за собири на повеќе од 4 лица, а Владата на Заев да очекува дека изборите во Штип и Пласница нема да го загрозат здравјето на граѓаните. Изборот за градоначалник на Штип со мандат од само 9 месеци може да почека, но заштита на здравјето на Македонија не смее да се занемари. ВМРО-ДПМНЕ никогаш порано и никогаш во иднина нема да води некрофилска политика. Мора да се однесуваме одговорно и граѓаните тоа го бараат од нас. Избори да, но не и по цена на животите на луѓето. Избори не, ако тие се со цел зачувување на фотелјите на Бочварски и на Заев – рече Стојаноска.
Таа рече дека тие како најголема опозициска партија не биле прашани за датумот за одржување на изборите. Не прецизираше, дали доколку власта одлучи изборите да се одржат ВМРО-ДПМНЕ би имала свои кандидати за градоначалници.
– Морам да потенцирам дека и за одредениот датум за одржување на овие предвремени локални избори воопшто не сме консултирани како најголема опозициска партија. Но, еве сепак пред се за здравјето на граѓаните, има рок од три цели дена да наидеме на разум кај партијата на власт. Сепак доколку тие одлучат да се одржат изборите на тој датум, тогаш треба да одлучат дека ќе ја сносат одговорноста односно вината за сето она што може да се случи во текот на таква кампања и во текот на целиот изборен процес. Мислам на жртвите и на заразените – рече Стојановска одговарајќи на новинарско прашање по седницата на Извршниот комитет на партијата.
Изборите за градоначалници на општините Штип и Пласница се организираат откако претходните градоначалници стапија на други функции. Градоначалникот на Штип Благој Бочварски сега е министер за транспорт и врски, а на Пласница е пратеник.
СДСМ вчера објави дека кардиологот и актуелен партеник Сашко Николов е кандидат на партијата за претсојните предвремени избори за градоначалник на Штип.