ВМРО-ДПМНЕ бара јавна расправа за реформите во основното образование

Според пратеникот Муцунски, јавната расправа согласно Деловникот на Собранието треба да се одржи во матичното работно тело во Собранието, а тоа е Комисијата за образование, наука и спорт. Било какво друго решение надвор од Деловникот за опозициската партија не е прифатливо. 

192

ВМРО-ДПМНЕ пред повеќе од една недела побара јавна расправа за најавената реформа на системот на основното образование, но досега таа не е закажана.

– Во недостиг на подготвеност за дијалог, спремност да се слушнат аргументите од било која друга страна и да се организира една ваква јавна расправа од страна на Министерството за образование и наука наша обврска како пратеници делегирани од граѓаните во Собранието на Македонија е да преземеме конкретен чекор што ќе биде во прилог на унапредување на квалитетот во реформскиот процес во образованието. Фактот дека токму експертската јавноста упатува на сериозни недоследности во предложената реформа наведува на сознанието дека е препорачливо и неопходно да им дадеме институционална форма на идните дискусии за ова важно општествено прашање – изјави денеска Тимчо Муцунски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.






Според него, јавната расправа согласно Деловникот на Собранието треба да се одржи во матичното работно тело во Собранието, а тоа е Комисијата за образование, наука и спорт. Било какво друго решение надвор од Деловникот за опозициската партија не е прифатливо.

Тој рече дека лично верува дека мнозинството граѓани би се согласиле со ставот дека е потребна реформа на основното образование, но дека постои дилема, дали патеката, пристапот и методологијата одбрани од страна на Министерството за образование и наука се правилни.

– Затоа е исклучително важно ова прашање да биде предмет на јавна расправа во Собранието во текот на која ќе имаат можност да се вклучат и еминентни претставници на академската заедница, експерти, а пред сѐ, засегнатите страни како што се наставниците кои најнепосредно ќе бидат вклучени во реализацијата на евентуално прифатениот нов концепт. Токму преку една транспарентна дискусија експертската заедница и јавноста ќе дадат свој придонес за прашањата кои се од големо значење за иднината на Македонија, а тоа е образованието и воспитувањето на младите – рече Муцунски.

Според него, процесот на предлагање, усвојување, а подоцна и имплементирање на идните реформи во основното образование, без одржување на соодветна јавна расправа во Собранието и без обезбедување поголема национална и поширока институционална поддршка ќе биде дополнителен доказ дека не постои спремност за соработка и подготвеност за водење отворен и транспарентен дијалог за едно исклучително важно прашање кое ќе има сериозно непосредно влијание и врз темпото на вкупниот општествен развој.

Поврзани содржини