ВМРО-ДПМНЕ: Аврамовска Мадиќ не била секретар во наше време, сега има судир на интереси со „Армор плус“
Учеството на тендери на Град Скопје и нивно добивање од страна на ‘Армор плус’ во период додека Аврамовска Мадиќ е секретар на Градот е класичен судир на интереси и фрла сомнеж за можна корупција, смета ВМРО-ДПМНЕ, која ја повика Антикорупциска да го испита случајот.
Во времето на ВМРО-ДПМНЕ, Викторија Аврамовска Мадиќ не била секретар на Град Скопје и не постоел судир на интереси за „Армор плус“, чиј сопственик е нејзиниот зет, одговори ВМРО-ДПМНЕ по реакцијата од Град СКопје во која се вели дека оваа фирма склучувала договори со Градот за набавка на ХТЗ опрема и во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали и колку од овие пари завршиле кај новиот ‘Рашковски’ – Аврамовска Мадиќ и ‘Тендер Шилегов’? Учеството на тендери на Град Скопје и нивно добивање од страна на ‘Армор плус’ во период додека Аврамовска Мадиќ е секретар на Градот е класичен судир на интереси и фрла сомнеж за можна корупција. Потребно е или Аврамовска Мадиќ да си поднесе оставка од позицијата или ‘Армор плус’ да не конкурира на тендери распишани од Градот Скопје и неговите претпријатија, врз кои Аврамовска Мадиќ, како секретар на Градот има влијание и моќ“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската партија ја повика Државната комисија за спречување на корупција да го испита случајот со добивањето тендери од „Армор плус“ додека секретар на Градот е Аврамовска Мадиќ.