ВМРО-ДПМНЕ ЈА ВРАЌА ДОВЕРБАТА КАЈ ГРАЃАНИТЕ Со заедничкиот патриотизам е возможно да се изгради хумано и посреќно општество

Создавањето на силен коалициски блок подразбира подолготраен процес којшто се однесува не само на усогласување на различните програмски платформи на партиите, туку и на создавање на взаемна доверба и почит помеѓу партиските раководства, вели Марјан Ѓорчев.

1,110

Новиот договор на ВМРО-ДПМНЕ, од партијата појаснија дека претставува платформа за нова политика, според која ќе се делува во иднина.

Од најголемата опозициска партија нагласија дека под Нов договор се подразбира обединување на сите делови од општеството, за изнаоѓање компромис за неколку државни прашања, за кои не смее да нема одговор.






Еден од креаторите на Новиот договор е Марјан Ѓорчев, поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, министер, амбасадор и градоначалник. Тој за Плусинфо ги открива деталите околу самата идеја за развивање на една нова платформа, која на партијата ќе ѝ обезбеди развој и во 21 век.

Како коавтор на новата политичка платформа на ВМРО-ДПМНЕ, дали ќе може за читателите на Плусинфо да ја откриете првобитната идеја за креирање на новата политика на партијата? Од која појдовна точка започна да се развива Новиот договор?

Светската глобална политика наметнува модерни наднационални политички прашања како што се заштитата на животната средина и климата, правата на животните, борба против меѓународниот тероризам и трговијата со дрога, заштита на жените и децата од семејно насилство. Овие глобални колективни цели на модерната политика, сериозно ги замаглуваат идеолошките приоритети на традиционалните политички партии на национално ниво, вклучително и во Република Македонија. Од тие причини ВМРО-ДПМНЕ пристапи кон формирање на тим од поголем број луѓе, коишто имаа за задача најпрво да направат анализа на сите доктрини од претходните партиски конгреси. Потоа да ги согледаат основните проблеми на партискиот активизам во совремието. Конечно, се подготви новата идеолошка матрица со кохезиони доктринарни ставови, идеи и со начела, што ќе бидат мотивирачки за враќање на довербата на македонските граѓани во партијата.

Велите дека посакувате обединување по основа на државен патриотизам. Што точно подразбирате под тоа прашање?

ВМРО-ДПМНЕ како народна, демократска, масовна и уставотворна политичка партија,својот изворен потенцијал го црпи од широките народни маси, залагајќи се за решавање на колективните цели,клучни за развојот на македонското општество. Филозофијата на идвидуализмот, како водечка за современиот корпоративен-банкарски политички поредок, стремежот кон материјалната димензија на животот, го насочува македонскиот граѓанин исклучиво кон личните аспекти од неговиот живот и сè повеќе го одалечува од македонската држава. Модерните светски ИТ платформи ги убедуваат граѓаните дека сите се рамноправни граѓани на светот, ги унифицира нивните потреби и од свесни, креативни производители ги претвара во униформни потрошувачи. Патриотизмот како чувство на роднокрајска припадност, припадност кон својот род, своето семејство, својот град, својата држава е основниот градивен материјал на силна, развиена и богата држава. Без совесни,благородни,посветени и хумани луѓе, ниту една држава на светот не може да опстане.Токму затоа,заедичкиот патриотизам којшто ќе биде амалгмот на обединување на сите македонски граѓани, без оглед на нивната етничка, културна, верска или било каква друга припадност, ќе биде новата синергија во градењето похумано и посреќно македонско општество!

Ќе биде ли доволно да се обзнани платформата, за да настапи обединувањето на сите фракции и партии што прозлегоа од ВМРО-ДПМНЕ?

Се разбира дека доктрината е само основа, којашто ќе биде надградена со политичките програми во изборните процеси и политичката акција на партијата во иднина. Содржината на партиската доктрина повикува на единство на сите граѓани на кои им е блиска идејата за силна, богата и развиена македонска држава, така што сосема нормално е да се очекува сите фракции, како и членовите на ВМРО-Народна коишто се надевам дека споделуваат исти вредности, да го препознаат повикот за обединување и низ процесот на преговори, ВМРО-ДПМНЕ конечно да биде обединато!

Можно ли е Македонците, Албанците и сите други во Македонија да изградат консензус за главните општествени прашања во земјава?

Не само што е можно, туку е и неопходно, ако сакаме да градиме заедничка иднина за сите граѓани на Македонија. Населението во историско-географскиот регион Македонија независно од неговите етнички, верски и културни различности, има ист ментален склоп како плод на културолошкиот развој низ вековите. Ние можеби зборуваме различни јазици, но обичаите, навиките, традициите, судирите или соработката во даден простор и време нè обликуваат како македонски народ и делови од други народи коишто живеат на територијата на Р.Македонија. Етницитетот разбран само како култура, како плод на материјалното и духовно творештво под влијание на традициите и современите промени изградиле една посебност,својствена само на населението што живее денес во македонската држава. Се разбира дека постојат и разградувачки елементи, коишто се обидуваат да ја наметнат етничката димензија како пресудна за опстанокот на нашата држава, но токму тие анти-државни активности се мотив повеќе да се обединиме сите заедно, затоа што ниту еден македонски граѓанин, ниту еден поединец, ниту едно семејство, група или заедница немаат друга татковина освен Македонија.

Дали Новиот договор ќе му помогне на ВМРО-ДПМНЕ во формирањето на широка коалиција, со која ќе се настапи на наредните парламентарни избори?

Создавањето на силен коалициски блок подразбира подолготраен процес којшто се однесува не само на усогласување на различните програмски платформи на партиите, туку и на создавање на взаемна доверба и почит помеѓу партиските раководства. За тоа е потребен подолг период на време и бара подготвеност, самопрегор, чувство за реал-политика и компромиси за одредени спорни ставови и принципи. Доктрината на ВМРО-ДПМНЕ со својата отвореност антиципира коалициски договори, како можност за просперитетна, развиена и силна Македонија, но истовремено и зачувување на сувереноста, независноста и унитарноста на македонската држава.

Поврзани содржини