ВМРО-ДПМНЕ ЈА ПРАШУВА ВЛАДАТА Каде завршија парите за капитални инвестиции?
Партијата се повикува на официјалните податоци за реализација на капиталните инвестиции за седум месеци според кои само 30 отсто од планираното е реализирано.
Нема нови патишта, нема нови училишта, болници или други капитални проекти. За седум месеци се реализирани само 30 отсто од планираните капитални инвестиции што покажува дека владата не работи ништо, алармира ВМРО-ДПМНЕ која прашува каде завршиле планираните пари од буџетот и од енормното задолжување.
– Најголема реализација на капиталните инвестиции од сите буџетски корисници има Агенцијата за разузнавање со над 98 отсто реализација. Ова е показател дека власта ништо не работи само пари троши на неважни работи. Од 96 буџетски корисници дури 16 институции имаат 0отсто или блиску до 0 отсто реализација на капиталните инвестиции.Околу 30 од институциите имаат реализација под 10 отсто. Институциите кои треба да имаат реализација на капитални инвестиции немаат – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, загрижува фактот што во ставката на капитални инвестиции се засметани и купувањето на мебел и луксузни добра кои не им се од полза на граѓаните, туку на функционерите.
– И додека реализацијата на капиталните расходи потфрла, тековните расходи се реализираат сосема непречено. Платите и надоместоците се реализирани со 57 отсто, трансферите со 55 отсто. Заклучно со јули владата направила дефицит, односно буџетска дупка, од 306 милиони евра. Ова се пари кои се покриваат со нови задолжувања.А секое ново задолжување е се поскапо. Тоа го потврдува и листата на Стандар и Пурс каде Македонија е рангирана како високоризична земја и опишана под поимот ѓубре. Ваквата оценка на Стандард и Пурс кажува дека Македонија се наоѓа пред период кога отежнато ќе ги враќа своите долгови – велат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ бара и одговори каде завршиле парите, ако не на капитални инвестиции.
– Кој и како ги троши парите на идните генерации? Време е да се стави крај на расипништвото. Време е за промени. Време е за Македонија за сите луѓе – велат од партијата.