ВМРО-ДПМНЕ: 40.000 невработени, 1 милијарда задолжување, поскапа струја и пропадната банка од 200 милиони евра, за само неколку месеци!
Фатмир Битиќи, наместо да држи празни прес-конференции, да каже што СДСМ направи за да ја спречи катаклизмата во стопанството. 40.000 невработени, 1 милијарда долг, пропадната банка од 200 милиони евра и поскапа струја е епилогот од СДСМ во последните 6 месеци, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение на соопштението се додава:
„Сите пари кои ги позајмија ги потрошија на поткуп за избори, но и за нивните сопствени фирми, а за спасување на работни места немаше ниту денар, затоа имаме 40.000 невработени.
Наместо народот пари од државата како антикризни мерки добија фирмите на Нина Ангеловска и на Заеви, а народот остана без пари. СДСМ буквално си ги искористи институциите за сопствен интерес.
Грабежот врз народот за сопствен џеб продолжува затоа и ја поскапуваат струјата за да имаат за тендери на нивните финансиери и блиски фирми. За камиони со струмички таблици да вртат во РЕК, и струмичка агенција за обезбедување да испумпува милиони од универзалниот снабдувач.
За бизнисот да тече во РКЕ се партиските активисти Марко Бислимовски и Панче Орцев, кои во името на Заев ја поскапуваат струјата и овозможуваат бизнис интересите да се одвиваат непречено.
Македонија буквално страда со оваа мафија на власт. Мафијата, криминалот и владата во Македонија се едно исто, затоа мора да паднат“.