ВЛОШЕНА Е СОСТОЈБАТА КАЈ ДЕЛ ОД ПАЦИЕНТИТЕ КОИ СЕ ЛЕКУВААТ ВО СТРАНСТВО Од болниците во Скопје денеска ќе се испишат 12 пациенти

Што се однесува на состојбата на пациентите кои се лекуваат надвор од земјата, министерот за здравство Арбен Таравари рече дека 4 до 5 пациенти се во сериозна состојба и дека кај некои има влошување.

8,685

Денеска од скопските болници се испишани 12 пациенти, а еден пациент, кој се лекува во Белград, се враќа во Скопје за понатамошен третман, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари, на денешната прес-конференција.

Паралелно, додаде тој, се разгледуваат понуди од неколку држави за долгорочна рехабилитација на потешките случаи, доколку има потреба, за што ќе има информации следната недела.






Министерот информира дека во моментов во болниците во Скопје се лекуваат 39 пациенти. Од нив, 12 се сместени во Клинички центар, 10 во старата Градска болница, 10 во ГОБ „8 Септември“, а 7 пациенти се наоѓаат во приватни клиники.

– Имаме добра вест, денеска се испишуваат 12 пациенти, ќе останат 27 пациенти во Скопје – рече министерот.

Во странство, бројот на пациентите останува непроменет – 115 лица и понатаму се лекуваат надвор од државата.

Во Клиниката за детска хирургија, каде што досега имаше двајца пациенти, веќе нема да има ниеден, додека, пак, пациенти остануваат само на клиниките за пластична хирургија и за токсикологија.

Во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (старата Градска болница) остануваат 6 пациенти, а четворица ќе бидат испишани во текот на денот.

Што се однесува на состојбата на пациентите кои се лекуваат надвор од земјата, Таравари рече дека 4 до 5 пациенти се во сериозна состојба и дека кај некои има и влошување.

Тој информираше и дека хирурзи од Клиниката за пластична хирургија веќе се на пат кон Кочани за да не мора да доаѓаат пациентите со изгореници во Скопје.

Таравари се осврна и на случајот со Јован Костадинов, младиот човек кој спасил 21 живот во пожарот во Кочани.

– Прочитав за Јован, спасил 21 човечки живот. Јован беше примен на Клиниката за токсикологија, директорот има поточни информации. Вчера е пуштен на лекување – рече Таравари.

Директорот на Клиниката за токсикологија, д-р Андон Чибишев, информира дека Јован бил примен поради белодробни потешкотии.

– Третиран е 7 дена, добро ја прифати терапијата, состојбата му е подобрена. Вчера е испишан, со препорака за дополнителна контрола. Сите испишани пациенти од Токсикологија ќе бидат под наша опсервација – рече Чибишев.

Министерот Таравари говореше и за системските предизвици во здравството, нагласувајќи дека и покрај ограничениот буџет, се прават напори да се подобрат условите.

– Здравството не направи малку во досегашното владеење на оваа Влада – 600 специјализанти се огромна бројка. Колективниот договор со синдикатите за здравство, инвестиции, апаратура дадена од други држави… За споредба, ние имаме помалку од 1 милијарда евра буџет за здравство, Словенија има 6 милијарди. Не можеме да се споредуваме – ние сме малку посиромашна држава. Но, оваа Влада се труди да постигне што може во овие услови. Во моментов, 190 приватни специјализанти се во процедура на вработување – објасни Таравари.

Тој заврши со апел за посериозна дебата за потребата од центар за изгореници во земјата.

– Треба сериозно да размислуваме за Центар за изгореници. Не дај Боже да се повтори нешто вакво, и да имаме центар, ќе можеме да примиме 3-4 пациенти – тоа треба да се разбере – нагласи министерот.

Поврзани содржини