ВЛЕГУВАМЕ ВО СВЕТОТ НА 5Г ТЕХНОЛОГИЈАТА Објавен тендерот за одобренија за 5Г
До крајот на 2029 година, секој граѓанин ќе има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина од најмалку 100 Mbps.
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави тендер за доделување одобренија за користење радиофрекфенции за петтата мобилна генерација 5Г. Рокот за доставување на понудите е 35 дена, а јавното отворање на понудите е закажано за 5 јануари во 10 часот. Одлуката за избор на понудувачи кои ќе учествуваат во предвидената постапка на јавно наддавање ќе се донесе во рок од седум дена од денот на јавното отворање на понудите.
Критериум за избор на најповолен понудувач за доделување на одобренија за користење на радиофреквенции од член 2 на оваа одлука е висината на еднократниот надоместок за добивање на одобренија за користење на радиофреквенции.
Писма за интерес за учество на тендерот за доделување одобренија за користење радиофрекфенции за 5Г, по објавата на АЕК на 1 јуни годинава, доставија компаниите Неотел, Битстрим Мобиле, Македонски телеком и А1 Македонија.
Операторите што ќе добијат одобрение за национално покривање се должни со новоиздадените и постоечките одобренија за користење на радиофреквенции да обезбедат покриеност, согласно Националниот оперативен бродбенд план. Конкретно, до крајот на 2023 година најмалку еден град да биде покриен со 5Г сигнал, а до крајот на 2025 година, главните коридори согласно Договорот за основање на транспортна заедница на основната и сеопфатна патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г сигнал. До крајот на 2027 година сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г сигнал, а до крајот на 2029 година, секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
Фото: unsplash.com