Влегуваме во италијанско сценарио, време е за вонредни мерки!

Ова ми е најтешко да го кажам, но мора да се превали преку уста - порано или подоцна, во Македонија ќе се воведе полициски час. Ако е така, подобро порано отколку подоцна! Повторувам, повторно порано отколку подоцна!

11,683

Не сум сигурен, но мислам дека неколку наши државни раководители, коишто деновиве се појавуваа на конференециите во печат, изговорија една иста реченица – мерки не преземаме според она што го пишува на Фејсбук и во медиумите, туку според сериозни анализи.

Во ред, другарки и другари, дами и господо од власта. Ве разбирам. Но, очекувам и вие да ме разберете и мене и сите нас кои ги почитуваме мерките за социјално дистанцирање што ги предлагате, што не ве дружиме на вашите пресови и што не ви пишуваме пречесто, бидејќи претпоставуваме дека вашите телефони ионака „горат“ од поважни разговори, преписки и пораки. Ние немаме друг начин да го споделиме со вас она што допира со нас, освен да пишуваме на социјалните мрежи и еден помал дел од нас и во медиумите.






Ќе потсетам. Не само јас, туку и многу други луѓе што ги следам во медиумите и на Фејсбук, освен што им дадоа безрезервна поддршка на здравствените власти и на министерот Венко Филипче, предупредивме дека се потребни поитни и порадикални мерки. Меѓу тие луѓе, со кои јас лично се консултирам, има угледен епидемиолог, неколку лекари со долгогодишно искуство и неколку добро информирани лаици со способност да направат добра селекција на фактите од она што го читаат секојдневно и чија „лаичка експертиза“ (еве еден убав оскиморон) не треба да се потценува.

Овој долг вовед ми е неопходен, за да ви објаснам дека она што ќе го кажам во овој текст, всушност, се предлози и размислувања на умни и разумни луѓе, а јас ги сублимирам и ги пренесувам јавно тие предлози. За кои треба да размислувате и да бидете отворени. Бидејќи за неколку дена, вие ќе постапите така како што предлагам во името на повеќе разумни луѓе – како што ги затворите училиштата ОТКАКО ние предоживме тоа да се стори, како што конечно некако го запревте (ако воопшто сте го запреле) „увозот“ на вирусот ОТКАКО јас и многу други баравме затворање на границите, како што конечно воведовте вонредна состојба ОТКАКО многу други тоа го побараа, а јас на претседателот Пендаровски јавно му соопштив дека нема 48 часа за размислување (и немаше).

Без оглед на сите можни реакции на овој текст, чувствувам дека во овој пресвртен момент има потреба ЈАВНО да ви се каже она што мора да ви се каже, без оглед колку тоа некого нервира. И ќе ви се каже!

Значи, бројките се страшни! Тие покажуваат дека степенот на зараза и степенот на локална трансмисија во Македонија се најголеми на Балканот (ја исклучувам Грција). Тоа значи дека веќе сме во предворјето на т.н. италијанско сценарио. Тоа налага ВЕДНАШ да преземете мерки коишто се соодветни и овозможени со прогласената вонредна состојба. Време е за вонредни мерки!

Што значи тоа?

Со пунктови поставени на влезовите и на излезите од населените места, треба да се ограничи сообраќајот помеѓу градовите и селата, освен за безбеден транспорт на стоки и за други неопходни потреби. За да се оствари таа цел, треба да се ангажираат и полицијата и војската, а резервните состави да се подигнат на ниво на борбена готовност. Од министерот Чулев разбрав дека Владата проценува дека во моментов има ангажирано на терен доволно безбедносни сили на располагање за вакви мерки. Погрешна проценка. Нема! Ама минисѕрите тоа ќе го разберат за неколку дена.

Ова ми е најтешко да го кажам, но мора да се превали преку уста – порано или подоцна, во Македонија ќе се воведе полициски час. Ако е така, подобро порано отколку подоцна! Повторувам, повторно порано отколку подоцна!

Полицискиот час значи целосна забрана на движењето на граѓаните во ноќните часови и ограничување на движењето во текот на денот, само за неопходните набавки во супермаркетите и во аптеките. Таа забрана треба да се контролира од страна на припадници на полицијата и на војската пред секоја зграда, во секоја улица. Такви се искуствата во другите земји и само така, со драстични мерки, може да се спроведе ефикасно социјално дистанцирање и да се спречи натамошната локална трансмисија на вирусот.

Лекари со кои се консултирам велат дека е клучно под еден ваков режим да се издржи барем три недели. Тоа ќе му помогне на здравствениот систем полесно да се справи со кризата. Убаво е што министерот Филипче се слика со медицинските лица, нашите херои во борбата против коронавирусот, но од сликање фајде нема. Треба да им се помогне на друг начин. Недоследното спроведување на препораката на Светската здравствена организација „Тестирај, тестирај, тестирај!“ доведе до тоа темната бројка на заразени да биде олку голема. Сега пристапот треба радикално да се смени. И веќе се менува, го гледаме тоа.

Сакам да му упатам и лична порака на министерот Филипче, кого и лично го запознав и се уверив во неговата посветеност на струката и во неговата хуманост. Знам дека во голем дел тој го разбира и веројатно го одобрува она што го барам. Убеден сум дека интимно веројатно и самиот посакува поголема поддршка од своите колеги во власта, во смисла на наметнување поостри и порадикални мерки, за кои тој смета дека не е надлежен. Па и не е, но…

Министре, те молам, аман, ангажирај ги сите капацитети што ти се на располагање во јавното и во приватното здравство. Не прифаќај одговори како – немаме пари, немаме тендер, немаме одлука, немаме ова или она. Се што мислиш дека утре може да се наложи како неопходно, стори го денеска! Не чекај! Не моли никого, не барај, наредувај! Ситуацијата е таква што во овој момент ти си најодговорниот, а со тоа и најнадлежниот човек во оваа земја. На сите треба да им кажеш дека твојот збор мора да биде последен. Ако не те послушаат, побарај поддршка од јавноста и ќе ја добиеш. Ова е пресвртен момент во твојот и во нашите животи.

Биди, министре, на вистината на задачата! Оправдај ја довербата што ја доби!

А да бидеме и сите ние, народе, свесни за сериозноста на ситуацијата! Да бидеме дисциплинирани и одговорни! Нашето здравје е во прашање!

Поврзани содржини