Влегуваме ли во должничко ропство – јавниот долг ќе ги надрасне можностите за исплата
Според Фискалната стратегија за периодот од 2022 до 2024 со изгледи до 2026 година, јавниот долг годинава ќе се искачи на 63,9% од БДП. Моментално тој изнесува 62,5 отсто од БДП.
Владата ја донесе новата фискална стратегија во која планира да го искачи јавниот долг на високи 65,9 отсто од домашниот бруто производ (БДП) веќе во следната година. Враќањето на долгот на дозволени граници е планирано дури во 2026 година. Експерти оценуваат дека ова ќе значи и ново задолжување на земјава дома и во странство и поголема неизвесност за способноста на земјата навреме да ги враќа земените кредити, ако економијата не успее да го оствари зацртаниот раст. Тие предлагаат во Фискалната стратегија да се внесат апсолутните бројки на задолжувањето и траншите на актуелните кредити.
Според Фискалната стратегија за периодот од 2022 до 2024 со изгледи до 2026 година, јавниот долг годинава ќе се искачи на 63,9% од БДП. Следната година долгот ќе изнесува 65,9%, во 2023 – 65,2%, 2024 – 62,5%, 2025 – 60,1% и 2026 на 57,7% од БДП. Земјава само до март годинава должи 7,1 милијарда евра што е 62,5 проценти од БДП.
Последниот статистички податок за домашниот бруто производ (БДП) е од 2019 година кога тој во апсолутни бројки изнесуваше 11,209 милијарди евра.
Џевдет Хајредини, еден од поранешните министри за финансии, вели дека не е проблем колкав ќе биде процентот на учество на долгот во домашниот бруто производ, туку дали државата ќе биде способна тој долг да го отплаќа, а за тоа да не зема нови кредити.
– Не е важно дали долгот е 50 или 60 отсто од БДП. Има држави како Јапонија чиј долг надминува и 100 отсто. Прашање е дали државата ќе биде способна да го отплаќа тој долг или тоа ќе го прави со нови задолжувања. Практиката кај нас е секогаш да се издава еврообврзница кога ќе достасаат долговите за отплата и тоа е проблем. Затоа сметам дека она што го гледаме во Фискалната стратегија не дава реална слика за фактичката состојба. Во неа граѓаните треба да ги видат не само процентите, туку и апсолутните износи на долгот и траншите на кредитите, односно кој кредитор колкаво учество има во тој долg односно и т.н. „скриен долг“. Па тука ќе се видат, на пример, огромните износи на пари што треба да се дадат за ратите од кинеските кредити кои се кријат. Само така и граѓаните ќе видат што значи задолжувањето во суштина – вели Хајредини.
Тој смета дека е крајно време да почне да се практикува преземањето одговорност на владите за промашувањата и лагите дадени во одделни државни документи кои се од важност за граѓаните.
Други експерти сметаат дека горна граница на задолжување на земјава е меѓу 55 и 60 отсто од БДП кое гарантира дека нема да има проблеми со отплатата на долгот во следниот период. Такви се и границите поставени од Европската унија при договорот во Мастрихт каде што горната граница на износот на долгот е утврдена на 60 отсто од БДП.
– Над тоа, е ниво кое веќе носи проблеми со јавните финансии. Постоковид периодот ќе бара и во 2022 година поекстензивна фискална политика. Тоа треба да се издржи – вели поранешниот министер за финансии Никола Поповски за Телма.
Поповски смета дека овој тренд на пораст на долгот не треба да се задржи долго, бидејќи потоа земјава нема да може да се задолжува и да ги отплаќа кредитите.
Според опозицијата, ваквиот раст на долгот нема да го следи и соодветен раст на домашниот бруто производ, а тоа ќе го доведе во прашање отплаќањето на долгот и повторен раст на долгот.
– Податоците за БДП ги имаме за четирите години, заклучно со 2020 година. И имаме негативна стапка на раст. Стапката на раст од ветените 5% годишно е само 0,7%. Ако се остварија ветените 5% раст на БДП тоа ќе значеше зголемување на животниот стандард. Но ние имаме само загуба. Причината за ова е што Владата предводена од СДСМ и ДУИ на чело со Заев немаше јасен план, немаше модерен пристап како да ја поддржи македонската економија од самиот старт, нема современи развојни политики, и оттука без одреден концепт којшто треба партиите да го подготвуваат кога се во опозиција сето тоа е само губење време и маркетинг – изјави вчера Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во својата последна колумна и самиот вели дека сѐ што ќе се позајми треба да се претвори во раст за да може да се враќаат долговите.
„При задолжувањето, секогаш треба да се има на ум дека трошокот треба да биде помал од бенефитот кој ќе го продуцира, односно идните стапки на раст на бруто-домашниот производ треба да бидат доволни за да го финансираат долгот. Но тоа, за што може да се каже дека има консензус во однос на јавните финансии е фактот дека фискалната консолидација на среден рок претставува важен фактор во обезбедување на одржлив раст. Со едноставни зборови кажано, доколку сакаме да финансираме раст, ако немаме доволна сопствена заштеда, тоа може да го направиме со задолжување, но тоа мора да е економски оправдано за да може да обезбеди одржлив раст“, пишува Бесими.
Според основното среднорочно сценарио, економскиот раст во 2021 година е проектиран на 4,1 процент, а во периодот 2022-2026 година се предвидува просечен годишен раст од 5,4 проценти.
На среден рок, стапките на економски раст ќе надминат 5%, стапката на невработеност ќе се намали на 8,6%, додека стапката на вработеност ќе се искачи на 54,3%, просечната плата ќе расте со просечна стапка од околу 4%, бруто-инвестициите ќе се зголемат до 36,2% во 2026, додека извозот ќе расте со просечна стапка од околу 8,8%.
Вкупните приходи на Буџетот на РСМ (централeн буџет и фондови) за периодот 2022-2026 година се планирани во висина од околу 31,3% од БДП. Просечното учество на вкупните расходи на Буџетот на Република Северна Македонија во периодот 2022-2026 година изнесува околу 34,4% од БДП.
Заложбите за постепена фискална консолидација остануваат приоритет, проектирано е постепено намалување на буџетскиот дефицит до 2,2% во 2026 година, односно 4,3% во 2022 година, 3,5% во 2023 година, 2,9% во 2024 година, 2,5% во 2025 година и 2,2% во 2026 година. Примарниот буџетски дефицит (буџетскиот дефицит без каматните плаќања), исто така, континуирано ќе се намалува од 3,0% од БДП во 2022 година до постигнување на ниво од 1,2% во 2026 година.