Македонскиот виртуоз за гитара Влатко Стефановски в среда, 29 јули, со почеток во 21 часот, ќе одржи концерт пред загрепското ХНК. Настапот ќе се одржи во склоп на Фестивалот Св. Марк, а влезот на концертот ќе биде слободен, пишува „Јутарњи.хр“.
Како што најави музикологот Гордана Крпан, распоредот на концертот носи своевидна компилација од делата на Влатко Стефановски.
– Меѓу избраните песни, најмногу хитови има кои тој првпат ги извел со групата„ Леб и сол “, а потоа продолжил да ги изведува во различни верзии во текот на неговата кариера – рекла Крпан.
Тоа се традиционалните етно фолк класици „Абер дојде Донке“ и „Јовано, Јованке“, како и авторските дела „Чукни во дрво“ од албумот „Патуваме“ од 1989 година, „Бистра вода“ од албумот „Калабалак“ од 1983 година, „Како какао“, го опишува репертоарот за среда Гордана Крпан.