ВЛАСТА УШТЕ ЕДЕН ЗАКОН ТУРКА НА МУСКУЛИ Опозицијата бара да се повлече закон од судството
Се повторува истото сценарио, демонстрирате моќ врз демократските вредности. Пред две недели законот го повлековте и сега го доставувате со европско знаменце. Што се смени во Европската унија за 10 дена, праша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Дајанчо Ефтимов.
Предлог-законот за Академија на судии и јавни обвинители не ги содржи потребните елементи согласно Деловникот на Собранието за да се донесе со европско знаменце, оцени денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Дајанчо Ефтимов на седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
Според него, не може да имаме правна држава кога вакви закони „се носат на мускули“.
– Се повторува истото сценарио, демонстрирате моќ врз демократските вредности. Пред две недели законот го повлековте и сега го доставувате со европско знаменце. Што се смени во Европската унија за 10 дена, за кој вие сте одлучиле ова решение да го доставите со европско знаменце. Зошто за 10 дена го сменивте основот од редовна постапка. Секојдневно се крши Деловникот. Ве повикувам да се преиспитате, да го повлечете законското решение и да се организира јавна расправа – изјави пратеникот Ефтимов.
Министерството за правда во образложението за поребата од носење на законот, што се предлага со европско знаменце, наведува дека тој произлегува од потребата за реформа на судството, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, стратешката цел на државата за членство во ЕУ и потребата за остварување на преземените обврски за спроведување ефикасни и континуирани реформи во судството базирани на европските стандарди.
Основната намера на Владата за членство во Европската Унија, се наведува во образложението, налага продолжување на реформите во областа судство и негово натамошно унапредување.