ВЛАСТА СИ ПРАВЕШЕ „ПИ-АР“ СО МЛАДИОТ ЛЕОНИД Тоа нема да го дозволиме во иднина, вели Лозановска од ВМРО-ДПМНЕ
Кога станува збор за лекување, поентата е да се делува, да се лекува, а не менаџерите во здравството да се фотографираат со пациентот – рече пратеничката Олга Лозановска.
ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи никогаш повеќе да се прави „пи-ар“ со болни како што беше случај со младиот Леонид Индов, а пари за лекување нема затоа што СДСМ и ДУИ седум години само местеа тендери и крадеа – изјави денеска на прес конференција Олга Лозановска, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник.
– Последен случај е оној со младиот Леонид Индов, со кого се сликаа и наводно го испратија на лекување на 6 февруари, но за две недели веќе му рекоа нема да се плати лекувањето.
Фондот за здравствено осигурување вели дека барањето за Леонид било за извршување медицинска услуга – рехабилитација, а не упатување на лекување, односно законот познавал само лекување, а не и услуги.
Прво, зарем рехабилитацијата не е лекување, а второ, ако треба да се прецизира во законот, што правеле седум години?
Дополнително, на ова на страна 142 од програмата на СДСМ за парламентарните избори во 2016 година насловена како „План за живот“, ветуваа Фонд за лекување во странство на деца до 18 години. Леонид има 18 години, ама Фондот ветен за лекување во 2016 го нема.
Во целиот овој случај, како и во сите други кога станува збор за лекување, поентата е да се делува, да се лекува, а не менаџерите во здравството да се фотографираат со пациентот – рече Лозановска, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ во иднина нема да дозволи вакви злоупотреби на болни лица.