Власта се намерачила да ги сотре обложувалниците и да ги втера во сива зона
Организаторите на игри на среќа сметаат дека новите измени на Законот за игри на среќа ќе затворат голем дел од нив и ќе се отвори можност за сива економија.
Тројно повисоки износи на надоместокот за добивање лиценци, повисоки казни и повисок процент на издвоени средства за посебни намени за организаторите на игри среќа и забавни игри предвидуваат измените на законот за игри на среќа чиј нацрт од пред четири дена е на увид на јавноста на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР)
Законодавецот и покрај силните реакции на организаторите на игри на среќа се определи да предложи да ги оддалечи 500 метри од училиштата деловните деловните простории во кои се приредуваат игри на среќа во обложувалница и автомат клуб, томбола од затворен тип и електронски игри на среќа.
„Деловните простории во кои се приредуваат игри на среќа во обложувалница и автомат клуб, томбола од затворен тип и електронски игри на среќа се отвораат на оддалеченост од 500 метри од основни и средни училишта, до кои се доаѓа по најкраткиот безбеден пат“, стои во нацрт измените на законот.
Организаторите на игри на среќа за да можат да работат односно да отворат просторија во која ќе вршат уплати и исплати ќе треба со посебен документ да докажат дека просторијата е оддалечена 500 метри од училиште. Документот и начинот како тоа ќе се реализира ќе го определи Министерството за финансии во посебен акт.
Законодавецот покрај ова прашање предвидува и драстично зголемување на надоместоците за организирање игри на среќа. Цената на лиценцата за обложувалница се зголемува на 125.000 евра. Досега се плаќаа 105.000 евра. За отворање на уплатните места редовно ќе се плаќа само ако се отворат најмногу 25, а за секоја наредна ќе се плаќа по 5.000 евра.
Лиценца за приредување интернет игри на среќа по донесувањето на овие измени на законот ќе чини 500.000 евра. Таа досега чинеше 40.000 евра.
За приредување на електронските игри на среќа, приредувачот на игрите плаќа надоместок во износ од 70 наместо 30 евра, месечно по терминал. Приредувачите на електронските и интернет игри на среќа се должни да обезбедат и надзорен информациски систем.
Надоместокот на приредување на лотариските игри на среќа сега ќе се плаќа 6 отсто, наместо досегашните 4 отсто од вкупно остварените уплати, односно средства прибрани преку продажба на лозови, на месечна основа.
Секој електронски видеолотариски терминал на кој се приредуваат електронските игри на среќа во деловни простории во сопственост на друг субјект кој не приредува игри на среќа, мора да содржи читач на податоци од лична карта преку кој се овозможува ставање во функција на електронскиот видеолотариски терминал на кој се приредуваат електронските игри на среќа.
„Доколку износот на посебната давачка од 20% е помал од вкупниот износ добиен како збир на производот на сите автомати помножен со 70 евра и на производот на сите електронски рулети помножен со 140 евра, приредувачот плаќа 70 евра месечно по автомат, односно 140 евра месечно по електронски рулет“, стои во измените.
За добивање лиценца за приредување на игри на среќа во казино се плаќа надоместок во износ од 600.000 евра.
За приредување на игри на среќа во автомат клуб лиценцата ќе чини 100.000 евра наместо досегашните 78.750 евра и ќе се издава на шест години.
Приредувачот на игри на среќа во автомат клуб има право да го зголеми бројот на деловните простории при што за отворање на секоја нова деловна просторија плаќа надоместок во износ од 30.000 евра.
Автомат клубовите на месечна основа за финансирање на спортот плаќаат посебна давачка во висина од 1,5 отсто на сметка на Агенцијата за млади и спорт и за финансирање на здравствената заштита плаќаат посебна давачка во висина од 1,5% која се уплаќа на сметка на Министерството за здравство.
Се зголемува и износот на посебните давачки кои се однесуваат на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
„Од уплатените средства за посебната давачка од игрите на среќа, секоја година до 31 јануари се распределуваат средства не помалку од 20 милиони денари и не повеќе од 80 милиони денари на сметка на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Република Северна Македонија, во рамки на Трезорската сметка“, стои во измените.
Досега оваа обврска се пресметуваше во проценти и тоа 7 отсто од средствата кои се распределуваат.
Лиценца за производител, сопственик или овластен корисник на интернет игри на среќа се издава за период од четири години, а лиценцата за приредувач на интернет игри на среќа се издава за период од пет години.
Нови износи плаќаат и носителите на лиценци. Носителот на лиценцата за производител плаќа надоместок за издавање на лиценцата во износ од 100.000 евра наместо досегашните 25.000 евра. Носителот на лиценцата за приредување на интернет игри на среќа плаќа надоместок за издавање на лиценцата во износ од 250.000 евра наместо досегашните 50.000 евра.
Барателот на лиценца за приредувач на интернет игри на среќа, покрај досегашните услови треба да ги исполнува и дополнителни услови: да е лиценциран приредувач на игри на среќа во земјава најмалку 12 месеци пред поднесувањето на барање за добивање на лиценца, бројот на вработени лица да биде не помалку од 300 и да остварува годишен приход од игри на среќа не помалку од 10.000.000 евра.
За разлика од актуелниот закон сертификат за хардверска и софтверска платформа (хост) со измените ќе се издава на правно лице кое е регистрирано само во земјава, но не и во странство.
Заради обезбедување на исплатата на добивките спрема учесниците во интернет игрите на среќа, измирување на надоместокот за приредување на интернет игри на среќа, како и даноците и другите јавни давачки, како и другите обврски, приредувачот на интернет игрите на среќа е должен за целиот период на важност на лиценцата за приредување на интернет игри на среќа да има обезбедено банкарска гаранција на износ од 500.000 евра наместо како досега 50.000 евра.
Законодавецот со новите измени го ограничува правото на пристап кон интернет страниците на странските приредувачи на интернет игри на среќа.
„Операторите на јавните комуникациски мрежи и на јавно достапните услуги за електронска комуникација, како и правни и физички лица кои по основ на посебни прописи поставуваат, употребуваат или даваат на користење електронска комуникациска мрежа или нудат услуги за електронска комуникација на територијата на Република Северна Македонија се должни да оневозможат пристап кон IP адресите на приредувачите на интернет игри на среќа кои не поседуваат лиценца издадена од страна на Владата на Република Северна Македонија“, стои во измените. Казната за непочитување на оваа одредба е 10.000.000 денари.
Измените на законот за игри на среќа предизвикаа реакции кај организаторите. Тие сметаат дека со примената на овие измени на законот ќе згасне индустрија која носи прилив од 280 милиони евра во државната каса, овозможува 10.000 работни места, односно 70.000 индиректно вработени.
Посебно спорно за нив е растојанието од нивните деловни простории до училиштата да биде 500 метри.
– Ако се воведе предложената дистанца, на индустријата на игрите на среќа ѝ се заканува целосно затворање. Дислокацијата на деловните објекти на бараното растојание од училиштата во реалностa е апсолутно неприменлива, во Скопје поради густината на населението и по неколку образовни институции во населбите, а проблемот е уште поголем во помалите градови каде буквално има само една главна улица и неколку споредни – велат тие.
Организаторите сметаат дека таквото решение нема да придонесе за подобрување на состојбата, бидејќи и сега има забрана за влегување на деца во просториите за игра на среќа. Тие посочуваат дека вакво законско решение значи ризик за отворање на нелегален пазар на игри на среќа.
Нацрт измените на Законот за игри на среќа предвидува усогласувањето со законските измени за сите организатори на игри на среќа да биде во рок од една година од нивното донесување.
Владата треба да даде мислење за овие измени до 30 јуни, а потоа Собранието треба да ги донесе.