ВЛАСТА НА ЗАМИНУВАЊЕ ПРАВИ ЕПСКА ПЉАЧКА ОД 46 МИЛИОНИ ЕВРА Тендерот за ископ на јаглен во РЕК Битола е даден на човек-фирма, тврди Николоски
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ укажа дека по неговата вчерашна прес конференции никој не се огласил, немало демант ниту од Влада, ниту од Електрани на Македонија, РЕК, СДСМ ниту од било кој споменат.
За ваквите објави на скандали најголем ефект ќе има кај истражните обвинителски и судски органи по промена на власта на 8 мај, бидејќи ќе има сериозна одговорност бидејќи станува збор за огромна злоупотреба на државни средства, рече Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во утринско гостување на радио Лидер.
– Тоа што цената на струјата е многу висока, виновно е крадењето, а зошто, затоа што најголем дел од струјата која се троши кај малите корисници е произведена во Македонија и на неа не влијае ниту една било која светска, регионална криза затоа што таа се произведува во неколку хидроелектрани, РЕК Осломеј, Кичево и во РЕК Битола. Таму се произведува и ако се работи домаќински, овие поскапувања кои одат дупло од претходно или ако некој плаќа две илјади денари, а сега одат до 4 и пет илјади денари и тоа е епско крадење, нема да бидат случај – рече Николоски.
Николоски се осврна на тендерот во РЕК Битола.
– Овој тендер оди на една компанија, тоа е омилената компанија на власта за крадење наречена Марковски компани, не е таа со некоја 200-годишна традиција, туку е човек фирма. Она што го презентирав вчера е тендер од фантастични 46 милиони евра само за ископ на јаглен. Ако едно средно училиште и негова градба во просек чини околу милион до милион и половина илјади евра зависи од големината, ова е некаде 40 средни училишта или од вкупно деведесетина или скоро половина може да се изградат – кажа Николоски.
Николсоки рече дека оваа компанија му припаѓа на Борче Марковски кој е почесен конзул на Белорусија, информирајќи дека понудата е за 30 проценти повисока од следната понуда или понудата која била пониска.
– Цената на Марковски компани оди 129,7 денари а следната најниска 100 денари. Оваа одлука е донесена три дена пред Нова година – вели Николоски кој додава како е возможно по Нова година Владата да ја укинува одлуката.
Оттука тој праша дали е ова дел од договор помеѓу СДСМ и ДУИ.
Николоски укажа дека ова е една од ретките негови прес конференции по која никој не се огласи, немаше ниту демант од Влада, Електрани, РЕК, СДСМ, ниту од било кој спомнат.
– Имаше само громогласна тишина и што знам е дека претставници на власта се јавувале кај ваши колеги уредници и сопственици на медиуми мојата прес конференција да не се емитува или да се емитува во подолниот дел – рече Николоски.