Власта и опозицијата со заеднички црвени линии кон Бугарија?

Затоа е тешка задачата на македонските политичари од власта и од опозицијата, инаку управување со држава би била најлесната работа на светот. Македонија, македонската нација и македонскиот јзаик  треба да се сакаат и бранат во слобода и во вистина.

1,279

 

Кога пред некоја недела премиерот Заев рече дека веднаш по конституирањето на органите на власта во Бугарија тој ќе го реши проблемот, завртев  со глава. Помислив: наместо да ги повика сите општествени фактори во земјата да дадат свој придонес во една отворена дебата за одговор на прашања кои беа блокирани половина век од Студената војна и уште триесет од турбулентните години на нашата независност, премиерот повика на пасивност додека тој не го реши тешкиот проблем.

Ова, помислив, е невозможна мисија зашто проблемот со Бугарија е многу потежок од оној со Грција кој ни украде половина од животот. Тоа ќе се покажеше ако Заев беше оставен сам. Но, одеднаш дојде спас од најневеројатната страна: опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ понуди заедничка резолуција за решавање(?) на спорното прашање со соседот.

Се разбира, уште од првите денови на независноста знаеме дека вакви големи надворешно-политички прашање се решаваат со домашен консензус, нешто што не успеваме да го постигнеме три децении. И повторно, на големо изненадување на јавноста која не знае за пример од нашата демократска историја кога власта и опозицијата имале заеднички став за определено сушинско прашање, понудата на опозициската партија беше прифатена од владејачката.

Како да се објасни ова?

Инстинктот за самоодржување кај политичарот е многу силен. Бугарската тема е непопуларна, а нема политичар во светот, па ни во Македонија, кој сака да биде непопуларен. Конечно, ќе ви рече тој, и ќе биде во право, само ако сум на власт можам да сторам нешто за народот а ако ја изгубам ништо. Меѓутоа, ќе рече некој друг, овој политички маневар на премиерот може да го закочи процесот на барање решение на нашиот проблем со Бугарија зашто Резолуцијата застанува во одбрана на стариот национален наратив кој инсистира на нашата посебност не како модерна нација ,туку како нација со еднаков континуитет со бугарската и со сите други на Балканот.Тоа е наратив зад кој стои и најголемиот дел од македонската историска мисла и народот во целина, но и наратив преку кој нема решение.
Наративот кој прави дистинкција помеѓу два периоди на нашиот идентитет, доминантен и во светската научна мисла, е, мислам, решението, но кај нас доминира сваќањето дека секој народ има право да си ја пишува историјата како што сака.

Прифатливо ли е секој човек да си пишува онаква биографија како што сака, е прашањето кое ми се поставува. Одговорот е да, под услов другите да се согласни дека напишаното е прифатливо и за нив. Кој е критериумот? Вистината.

Во случајот со историјата – научната историска вистина. Нашата научна и особено историска мисла мора да ни даде гаранции дека нејзините ставови се општоприфатени од светската научна мисла зашто, во спротивно, не само што на крајот ќе го загубиме спорот, туку ќе го загубиме и образот. Како човек кој се занимава со политичките, а не со историските науки знам дека нашите ставовии не секогаш кореспондираат со историските факти и тоа ме загрижува.







Мислам дека мултидимензионалниот пристап на кој инсистираат македонските историчари почнува после соочувањето со ноторните историски факти а не со нивно негирање. Затоа е тешка задачата на македонските научници и историчари, инаку пишувањето историја би била најлесната задача на светот.

Што се однесува, пак, до барањето од Резолуцијата за рамноправност меѓу Северна Македонија и Бугарија, едната членка на ЕУ а другата кандидат, тоа е невозможно во овој случај и во меѓународните односи генерално, како што е невозможно дијалогот да се води исклучиво во рамките на меѓународното право.

Затоа е тешка задачата на македонските политичари од власта и од опозицијата, инаку управување со држава би била најлесната работа на светот. Македонија, македонската нација и македонскиот јзаик  треба да се сакаат и бранат во слобода и во вистина.

Поврзани содржини