Власта ги истисна отворените листи, сега стравува од независните
Тие кои ќе сакаат на локалните избори да кандидираат независни советнички листи ќе мора да соберат 2 отсто потписи од бројот на гласачите во општината. Значи, на вкупно 10.000 избирачи иницијаторот на независната листа ќе мора да има 200 потписи за да го предложи списокот со независните кандидати за советници.
Малите партии може да здивнат. Владата се откажува од предлогот на претстојните избори да се оди со отворени советнички листи со праг од 3 отсто. Висок функционер од Владата за Плусинфо потврди дека на изборите кои најверојатно ќе се одржат на 17 октомври ќе нема отворени листи, односно дека во тој дел нема да има промена на Изборниот законик. Но како што дознаваме, а тоа ни го потврди и владиниот функционер, наместо праг од 3 отсто за отворени советнички листи власта ќе предложи праг од 2 отсто за независни советнички листи.
Тоа ќе значи дека тие кои ќе сакаат на локалните избори да кандидираат независни советнички листи ќе мора да соберат 2 отсто потписи од бројот на гласачите во општината. Значи, на вкупно 10.000 избирачи иницијаторот на независната листа ќе мора да има 200 потписи за да го предложи списокот со независните кандидати за советници.
Најавата за отворени листи со праг од 3 отсто ги крена на нозе помалите партии кои жестоко се спротивставија да се определи праг за влез на советниците во новите општински совети.
Според информациите од власта, во измените на Изборниот законик покрај тие што се препорачани од ОБСЕ/ОДИХР, ќе биде предложена и измена за отворени советнички листи со праг од 3 отсто, но дека договорот е помалите партии на собраниска седница да интервенираат со амандман со кој ќе се бара таа измена сега да не биде дел од Изборниот законик. Ова власта ќе го прифати.
Според информации од пратеници, можно е отворените листи воопшто да не бидат предложени од Министерството за правда како дел од Изборниот законик.
Дел од помалите партии слушнале за договорот и велат дека би било добро на претстојните избори воопшто да нема отворени листи, бидејќи е кус периодот пред локалните за да се оди со таква измена и дека во принцип Изборниот законик со крупни измени не е добро да се носи без консензус на сите партии.
Но дел од помалите партии сметаат дека Владата треба да ги истурка измените на Изборниот законик со воведување отворени советнички листи, но без праг. Тие бараат отворените листи да се однесуваат на излезените, а не на запишаните гласачи и да бидат за листите на партија, а не на сите партии, односно конкуренцијата да биде меѓу советниците од една партија.
Предлогот на големите партии да се оди со отворени листи со праг од 3 отсто беше неприфатлив за ЛДП, ДОМ, ДС и ВМРО-Народна партија. Тие се залагаат за отворени листи, но без праг. Во спротивно сметаат дека предлогот е за елиминација на помалите партии од општинските совети, дека таквиот предлог ќе предизвика конфузија, како и нелегитимни избори.
Но најавата за праг за независни листи, пак, ја отвора дилемата дека големите партии стравуваат од ситнење на своето гласачко тело. Особено по најавата на поранешни функционери на СДСМ во Охрид дека ќе одат со независна листа на локалните избори. Независна советничка листа најавија и тетовски еколози.