ВЛАСТА Е СЕКОГАШ ПОДГОТВЕНА ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ Мицкоски не е уверен дека целата опозицијата бара предвремено гласање
Не сум сигурен дека целата опозиција бара предвремени избори, но ако се согласат, ние сме секогаш подготвени за парламентарни избори, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Ако целата опозиција се согласи и побара, ние сме подготвени во секој момент за предвремени парламентарни избори, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој одговараше на новинарско прашање каков е неговиот став затоа што дел од опозицијата бара оставка од Владата и предвремени парламентарни избори по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 59 лица.
– Не сум сигурен дека целата опозиција бара предвремени избори, но ако се согласат, ние сме секогаш подготвени за парламентарни избори – рече Мицкоски.
Тој беше прашан и како ќе ја реформира Владата доколку се точни гласините дека Арбен Таравари ќе ги напушти и Владата и коалицијата Вреди. Прашањето беше поставено во контекст на претстојните локални избори наесен и фактот што во коалицијата Вреди сè уште немаат консензус за заеднилки настап.
– Немам информација дека господинот Таравари ќе ги напушти Владата и Вреди, напротив, коалицијата функционира одлично. А за локалните избори и тоа како ќе се позиционира коалицијата Вреди, треба тие да кажат – рече премиерот Христијан Мицкоски.