ВЛАСТА ДА ГО ОБЈАВИ ПРОТОКОЛОТ СО КОЈ СЕ БУГАРИЗИРА МАКЕДОНИЈА Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека од пратениците се бара поддршка на невидено
Го кријат протоколот со кој се бугаризира Македонија, се бугаризираат македонските херои и со кој на Бугарија ѝ се дава можност да се повикува на документ со кој самите ќе се согласиме да се бугаризираме, рече денеска Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција.
ВМРО-ДПМНЕ ја повика Владата веднаш да го објави Протоколот, со кој, како што велат, се бугаризира Македонија.
– СДСМ и ДУИ се свесни дека ја немаат поддршката од народот и знаат дека работат спротивно на народната волја, тие се подготвени да направат национално предавство, и сето тоа го правдаат со сликање кое ќе го добијат за некаков наводен почеток на преговори. Затоа и го кријат протоколот со кој се бугаризира Македонија, се бугаризираат македонските херои и со кој на Бугарија ѝ се дава можност да се повикува на документ со кој самите ќе се согласиме да се бугаризираме – рече денеска Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција.
Тој додаде дека иако власта најави дека ќе го објави Протоколот, иако бугарската министерка за надворешни, Генчовска јавно кажа дека протоколот е потпишан, сепак македонското МНР го крие Протоколот од јавноста.
– Парадоксот да биде уште поголем, пратениците на СДСМ повикуваат да дадеме поддршка на еден лист хартија што е доставен до Собранието и за нешто што и самите го немаат видено. А дека токму историјата е дел од преговорите и се подготвува бугаризација потврди и Пендаровски. Ковачевски ги вовлекува пратениците од СДСМ да гласаат нешто што е во спротивност на македонските национални интереси и закони. Пратениците на СДСМ се ставени во улога на гласачка машина за предлогот кој Ковачевски се согласил да го протурка на штета на македонските интереси. Власта мора да ја слушне силата на аргументите, да престане да ја силува демократијата во државата и да престане да ја поларизира состојбата за која е директно одговорна. ВМРО-ДПМНЕ останува на цврсти позиции, промена на Устав – не доаѓа предвид – порача Ковачки и ги повика граѓаните на протест вечерва во 19 часот пред Владата.