ВЛАСИТЕ ИМААТ ЗНАЧАЈНА УЛОГА ВО ГРАДЕЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА Честитки по повод Денот на Власите

Во честитката од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се наведува дека на 23 мај 1905 година, пред 120 години, со декретот на султанот Абдул Хамид Втори се прифати вистината за Власите како посебен, автохтон народ, со сопствен јазик, автентична култура и многувековно постоење на овие простори.

59

Премиерот Христијан Мицкоски лично и од името на Владата упати честитка по повод Националниот дел на Власите – 23 Мај.

Влашката заедница, нагласува премиерот, има значајна улога во градењето и развојот на Македонија. И во историска и во општествена смисла тие се лојален дел од развојот и постоењето на државата.






„Денес Власите активно учествуваат кон трансформирање на државата, нешто за коешто се обврзавме пред граѓаните. Преку заедничка работа, труд и посветеност ние градиме соживот, но и услови за подобар и поквалитетен живот за сите граѓани. Свесен сум дека и Власите, како и останатите граѓани, го живеат тешкото секојдневие на предизвици и препреки, но заедно сите посветено мораме да работиме да ги премостиме сите заеднички проблеми и да донесеме решенија за идните генерации. Македонија го оди патот на трансформацијата, каде што ќе се почитуваат принципите на владеење на правото, правна држава, бескомпромисна борба против криминалот, како и вредностите врз кој треба да се развива државата, а тоа е исполнување на ветувањата, реализација на проектите и градење на држава во која секој ќе си ја пронајде сопствената иднина и среќа. Наша обврска и задача е преку толеранција, меѓусебно разбирање и почитување на различностите да продолжиме да живееме и создаваме во ова парче земја и да градиме мостови на пријателство“, се наведува во честитката од Мицкоски.

Во честитката од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се наведува дека на 23 мај 1905 година, пред 120 години, со декретот на султанот Абдул Хамид Втори се прифати вистината за Власите како посебен, автохтон народ, со сопствен јазик, автентична култура и многувековно постоење на овие простори. Освен што овозможи отворање на училишта на влашки јазик во рамките на Отоманската Империја, овој чин одигра клучна улога за влашката преродба. Не случајно, во 1991 година, токму овој историски датум бил прогласен и за Национален ден на Власите.

„Особено сме горди што речиси две децении 23 Мај се празнува и во нашата заедничка македонска татковина. И покрај предизвиците во образованието, претставниците на влашката заедница континуирано го вложуваат својот креативен потенцијал во секоја општествена сфера. Затоа, државата мора да ги отстрани и последните пречки за нашите сограѓани, Власи, да можат без никаков проблем да го остваруваат човековото право на образование. Затоа, потребно е да се поддржат заложбите за негување и зачувување на влашкиот јазик, идентитет и култура. Влашкиот јазик е дел не само од македонското, туку и од европското културно богатство“, се наведува во честитката од Сиљановска Давкова.

И претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати честитка по повод денот на Власите.

„Низ историјата, Власите имаат значаен придонес во клучните историски моменти за државата, во борбата за слобода, независност и државност. Со својот јазик, обичаи и традиции, влашкиот народ е нераскинлив дел од мозаикот на нашата држава. Упатувам искрена благодарност до сите припадници на влашката заедница за нивната активна улога во изградбата на нашето заедничко и праведно општество, водено од вредностите на меѓусебно почитување, доверба и единство“, се наведува во честитката од Филипче.

Поврзани содржини