ВЛАДИНАТА КОАЛИЦИЈА Е НАПРАВЕНА ОД ПЛАСТЕЛИН Мицкоски тврди дека и кај власта владее незадоволство
Жалам што мораме да бидеме сведоци уште некоја недела на она коешто го приредува Зоран Заев и СДСМ, но ние ќе се бориме со сите демократски алатки коишто ни стојат на располагање, час поскоро да издејствуваме предвремени парламентарни избори, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Владината коалиција е пластелин коалиција, односно коалиција која има за цел да го продолжи политичкиот век за неколку недели на врхушката на СДСМ, а во која не се знае кој е задоволен затоа што сите се незадоволни, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
– Сите се таму незадоволни, во разговори со мене сите се незадоволни, таму не се знае кој е задоволен, дури и во СДСМ меѓусебно изразуваат незадоволство. Ова е пластелин коалиција, коалиција за неколку недели да биде продолжен политичкиот век на траење на неколкумина од врхушката на СДСМ. Жалам што мораме да бидеме сведоци уште некоја недела на она коешто го приредува Зоран Заев и СДСМ, но ние ќе се бориме со сите демократски алатки коишто ни стојат на располагање, час поскоро да издејствуваме предвремени парламентарни избори – изјави Мицкоски од Штип.
Тој рече дека новата коалиција во којашто влезе Алтернатива наликува на последниот чин на обидот за уништување на Македонија во режија на Зоран Заев.
– Ова што се случува изминативе денови претставува политичка некултура и препелкање на самиот Зоран Заев и СДСМ, но исто така претставува и обид колку-толку да го продолжат својот политички век на траење на неколку недели. Срамно е ова што се случува, срамно е што политиката се сведе на трговија како на зелен пазар и наместо да зборуваме за стратегија, за визија, да зборуваме за вредности, да зборуваме за проекти за развој, денес дебатата се сведува на тоа кој и колку министерски места добил, колку директорски места добил, колку членови во управен одбор, колку во надзорен и на крај на денот сето тоа го плаќа сиромашниот граѓанин во Македонија – рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека токму тоа е суштината во пристапот на Зоран Заев која е целосно погрешна и уште еднаш заклучи дека тоа всушност е последниот чин од обидот да се уништи Македонија, да се осиромаши народот и сето тоа во режија на Зоран Заев и СДСМ.