Владиката Јован: Бев на погребот на патријархот во Белград, но го прележав коронавирусот и имам антитела

Храмот „Свети Сава“ во Белград е многу голем објект и литургијата внатре се служеше на дистанца. Никој со никого не се поздравуваше, ниту, пак, се целиваше - изјави поглаварот на ПОА, владиката Јован, за Плусинфо.

6,005

Точно е дека присуствував на погребот на српскиот патријарх Иринеј во Белград и точно е дека служев литургија заедно со епископот крушевачки г. Давид од Српската православна црква (СПЦ), кој вчера се покажа дека е позитивен на ковид-19. Но, јас веќе го прележав коронавирусот и имам антитела во организмот.

Ова за Плусинфо го изјави архиепископот охридски и митрополит скопски г.г. Јован од Православната охридска архиепископија (ПОА), кој додаде дека ниту еден од владиците кои присуствувале на погребот немал близок контакт еден со друг.






– Храмот „Свети Сава“ во Белград е многу голем објект и литургијата внатре се служеше на дистанца. Никој со никого не се поздравуваше, ниту, пак, се целиваше. Јас го прележав коронавирусот и лекарите ми кажаа дека имам антитела во организмот коишто ме штитат од три до шест месеци. Секако, на погребот не бев појден сам, туку со мене беше уште еден владика од ПОА. Но, тој постојано држеше дистанца и носеше заштитана маска на лицето за време на службата – истакна владиката Јован.

Задутре, во четврток, православниот народ го слави празникот Свети Јован Златоуст, кој е и именден на архиепископот Јован. На прашањето дали и како годинава ќе го прослави именденот, поглаварот на ПОА рече дека за разлика од другите години, овојпат денот ќе биде одбележан скромно и согласно протоколите за заштита од ковид-19.

– Оваа година не поканив никого за именденот. Не се поканети ниту владици, ниту свештеници, ниту, пак, црковен хор, што беше практика во изминатите години. Именденот ќе го одбележиме во кругот на најблиските, и секако, согласно протоколите. Заштитните маски и дистанцата ќе бидат задолжителни, како и честото дезинфицирање на рацете – рече архиепископот.

На прашањето како ќе постапи доколку на именденот дојдат повеќе верници кои ќе сакаат да му честитаат, тој истакна дека вратата на црквата не може да ја заклучи, но дека верува дека луѓето ја имаат сфатено сериозноста на пандемијата и дека ќе покажат одговорност.

– Ова е црква и јас не можам да ја заклучам вратата на црквата. Тоа би било бесмислено. Токму црквата во овие тешки моменти може да им даде надеж на верниците. Ние мораме да научиме како да живееме со болеста, односно со одговорноста да се почитуваат мерките. Се знае колку луѓе можат да бидат присутни во затворен простор – изјави владиката Јован.

Поврзани содржини